Како кошаре се отворив
со матарка се премазав
да се помамиш по мирисот
да ми дојдеш
матицо моја
станав кревок и подгорен пергамент
мозаик незаштитен со песок
непрекриен со мрак
се оптегнав како апсида
за да стапнеш, конечно, во мене
со поглед вперен угоре
налик на реквием или псалм
одекот да ти биде
длабок.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Речиси, еднакви делови од песок и подгорена трева.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)