Кафеаната секогаш беше преполна: влетуваа во неа Ѓупките со дајрињата в рака, пееја, се виткаа, ја тресеа снагата; гледаа луѓето ококорени во нив, пуштаа раце кон нив да ги фатат, да ги штипнат, но тие како јагули се извиваа и избегнуваа од дофатите; кога ќе им ги собереа парите на луѓето, излетуваа надвор без поздрав, без збогум; утредента пак влетуваа со тие опојни песни и со тоа лудо тропање со дајрињата што свеста ја земаа.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
И намерно не знаат како се викал, едни го крстат Григорие други Георгие, и намерно не знаат ни од кое колено на Акиноските бил, дали од првото што се доселило во Потковицата или од некои од подоцнежните (и покрај што настаните, видовме, укажуваат на првото, врзано е за првите доселеници Турци во Потковицата, конкретно за Арслан бег, но кога човек ќе му обрне внимание на тоа, тие, за да му дадат уште поголема зачуденост на сето ова, за да ја изедначат сета таа историја со божје претсказание, си плукаат во пазувите, крстејќи се бошотат нејасни зборови и избегнувајќи да одговорат или да го продолжат разговорот, итро и брзо ја менуваат темата) но бил стар, мошне стар, и праведник.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)