додека (сврз.) - има (гл.)

Во овој град не постои работно време за кафеаните, тие се отворени сѐ дотогаш додека има гости, а нив ги има и во ноќните, па и во раните утрински часови.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Зашто беше таков слухист што сама си ја штимаше гитарата и единствено додека имаа музичко како предмет имаше петка.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Кадровикот, значи, предложи Баге да ѝ биде доделен на забавно - хумористичната редакција, која си имаше своја програма и свој термин во шемата на таа програма, но немаше постојан уредник туку редакцијата ја водеше моментно суспендираниот уредник од друга редакција, и така наизменично како што имаше постојано по некој уредник под суспензија, и така постојано додека имаше на располагање наизменично суспендирани уредници.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Гого беше дојден од едно гратче среде внатрешноста, каде што се родил и каде што го поминал детството, сè додека имаше школо во кое можеше да се учи.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Ги направи, со голема мака, неколкуте чекори до својата работна маса, до таа никогаш ненапуштена тврдина на својот живот, од каде, додека имаше моќ, му ги испраќаше своите пораки на светот борејќи се соармии на души од своите сиџили, трагајќи по последните неоткриени зборови на својата Историја на Балканот низ падовите на империите.
„Тврдина од пепел“ од Луан Старова (2002)
- Од утре, качамаци, компири, додека има.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Но сè додека има луѓе, ќе се сеќаваат на душата.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Само застанете на местото од ѓаволот, од десната страна на ова сочинение и прочитајте што пишува под словото видливо: Чашо моја, чашо моја, Пророкувај додека има ѕвезди.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
И потем кажа: со врвовите од прстите поминал по записот-клопче; и не прочитал ништо ново; во центарот на клопчето, во средето на преѓата ја прочитал буквата Ж, во жена престорена, насликана од незнајниот сочинител на таа одаја; лево од неа го прочитал записот познат: Јас, царот Соломон, велам: Чашо моја, чашо моја, пророкувај додека има ѕвезди.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Текстот што во рака го држеше Филозофот гласеше пак вака: Јас, царот Дариј ви велам: Чашо моја, чашо моја, пророкувај додека има ѕвезди.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
А десно од буквата блудница прочитал: Јас, царот Соломон, велам: Чашо моја, чашо моја, пророкувај додека има ѕвезди.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
И прочита: Јас, царот Соломон велам: Жено моја, чашо моја, пророкувај додека има ѕвезди.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
И потем отец Мида запишал, дека не го интересирало што гледа нечестивиот во словото, и дека не застанал на местото негово, туку дека со умот и уката своја, познавајќи ги самаритјанските букви, со кои записот бил сочинет, прочитал вака, од свое место: ЖЕНО моја, чашо моја, пророкувај додека има ѕвезди.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Лествичникот се возвишува пред другите и прави добри дела само заради пофалба од логотетот; неговата свеќа во храмот свети само додека има луѓе што ја гледаат и ѝ се воодушевуваат, велеше.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Видов како сите старици се расоблекуваат, колку што можат побргу.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Треба да знаеш дека и ти си смртен.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Отла рече: „Сега побрзај, додека има вода.“
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Знај дека и твоите дела, кои ќе се читаат и толкуваат сѐ додека има луѓе, еден ден ќе умрат, а со нив ќе умре и твојата бесмртност, затоа што еден ден ќе умре и последниот човек.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Додека има во Македонија почва за национални пропаганди, додека не се отстранат причините туѓите држави да имаат во Македонија повеќе влијание од самата Турција, до тогаш Турција ќе има само расход во Македонија, а не ќе има од неа никаква полза, до тогаш секоја минута ќе треба да се плаши да не ја загуби Македонија; а ако се признае официјално оти во Македонија нема неколку словенски народности, ами има само една одделна, ни бугарска ни српска, и ако се оддели Македонија во самостојна архиепископија, наеднаш Турција ќе се ослободи од мешањето во македонските работи од сите 3 соседни држави.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
И до кога ќе продолжи, не знам. - Додека има за молзење, - рече суво Арсо. - Пресуши веќе.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
црвената: пламливи, избувливи луѓе: што на ум, што в срце - тоа на уста, за една болвосерка - туриваат каца со мед; им пререче ли нешто, им се пикна во зборот, не ги поддржа, не им одобри - повеќе за тебе не држат, те замразуваат; додека имаат мака на алтан-терезија те држат, кога ќе им помине маката, за старо тенеќе те даваат; само тие како да постојат во селото; соседите ги тераат да ги врзуваат кокошките, а тие кучињата свои ги пуштаат кај што сакаат; кога ќе се впипрат во лицето - запелтечуваат; ако ти е фрлена шега, подбив, мунѕа - од нив е; се зафатија ли со нешто, наумија ли нешто - или ќе го сторат или раката ќе си ја отсечат; жолтата: колебливи во очи, во држење, во однесување; многу сакаат да слушаат, да чујат сè, а ни трошка нешто од себе да речат; во расправиите бегаат, не сакаат тука да се најдат; дома глас не им се слуша, како да не се живи; за мала работа трчаат кај соседите за совет; кога ќе им влезеш в куќи, не ги фаќа паника, ниту брзаат да те почестат; ако дедо им бил говедар, козар, питроп, полјак - таткото и синот и внукот се тоа; по гробиштата кога сите лелекаат и плачат, тие ги гаснат свеќите да не се трошат до крај; секогаш одат со навалени глави загледани во земјата како да бараат нешто што изгубиле или пак што загубил друг; кафеавата: рано легнуваат, рано стануваат; тешки во одењето, тешки во зборот; само за себе живеат; што било, како било - во нив останува; дома со седење те пречекуваат: ќе те измерат: кој си, што си, па ќе станат; за многу работи се прават дека не чуле; она што е нивно не го даваат на друг да се послужи; устата им испушта мед, а срцето пелин; кога ќе им дојде невеста во куќата, или ќе ја претопат - табиетот да им го земе, или клоцата ќе ѝ ја удрат; имотни се, но со прсти стегнати, кајафлии не се расфрлуваат и не арчат многу: дури и кога дечињата наутро ги празнат мешињата, ги празнат во дворот - да имаат што и кокошките да колвнат; избегнуваат кај што не им е по ќеф или кај што шерепере се зборува; жените со плетиво одат в поле, в планина, в црква, на молзење, в град по купување; кога даваат совет, не ти кажуваат сѐ докрај - нешто и за себе задржуваат; ако те засакаат - виделе нешто во тебе што им се допаѓа; кога ќе им се случи нешто лошо во куќата, одмерено плачат; кога се болни, не ѝ веруваат на болеста; со неа шетаат, со неа работат, со неа по веселби одат; ја носат, а гледаат кому да му ја прилепат; розовата (шеќерлијата): чаламџии, фодули, самобендисани, а купи ден - помини; на оро први; те сакаат додека имаат мака; јајце да варат, надвор го варат - да ги гледаат сите; од надвор куќата чиста, паќна, што се вели: азна, а внатре празна; што да се случи во селото - први разбираат; во разговор ќе те префрлуваат од рид на рид, ќе ти тргаат фурки - в очи ќе те лажат; не држат многу до зборот: речи - одречи; ти даде ли нешто, сите знаат; новата кошула ја облекуваат врз старата: кој да види да завиди; први се за гости, за јадење, за пиење, а кога ќе им дојдеш дома - им поминал светецот!
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
И го клукаат со долгите клунови додека има живот во него.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Обично се вели дека човек се надева додека има душа во него.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Да се живее од денес до утре, од недела до недела, вртејќи се во сегашноста која нема иднина, беше непобедлив инстинкт, исто како што белите дробови секогаш ќе го земат следниот здив, сѐ додека има воздух на располагање.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
—Ете, ти Стоане, ќе седиш тука, ти Петре, тука, ти Митре, Петко, Стале, Брајана, Веско тука — и така натаму: додека имаше клупи.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Но сè додека има луѓе, ќе се сеќаваат на душата. – А што ќе ги тера луѓето да се сеќаваат на душата? – Душата е, синко, во вечно создавање... таа е секаде!
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Клет ќе биде Балканот сè додека има граници!
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
„Не сум сигурна колку може да биде упатно тоа“, се бранела Босилка додека имало во неа волја да се брани.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Ќе лежиме сè додека имаме грбови (и еден ни е доволен), сè додека тушот не нè одлепи.
„Три напред три назад“ од Јовица Ивановски (2004)
Тогаш јас сфатив дека, додека имав каде да гледам - околу мене постоеше светот.
„МАРГИНА бр. 3“ (1994)
Да му велам, чекај, ќе видиш кога ќе пораснеш, лесно е додека имаш само една наставничка, сосема друга работа е кога секој час ти доаѓаат различни наставници и кога имаш по пет – шест часа на ден, а за учење, ужас!
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
Главата да ти пукне.
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)