дека (сврз.) - добро (прил.)

Немаме големи пориви, знаеме дека судбината нема некаков спирален тек, туку дека е едно неумитно преповторување на погибелни циклуси.
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)
Години и години живеев во прелага дека добро ја познавам психологијата на нашиот човек, и по многу искушенија и самиот дојдов до сознание дека ни е судено да се остваруваме во јазикот: некој беше рекол дека врз јазикот сум прикован како разбојник на крст.
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)
Ми се фалеа дека добро заработуваат.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Помислив дека сигурно удрила четиринаеска и дека добро би ми легнало едно ладно пивце во некое празно кафуле со чисти чаршави и со добро извежбан џубокс-евергрин.
„Зошто мене ваков џигер“ од Јовица Ивановски (1994)
Бев сигурна дека добро би се искарале.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
Ти беше расположен, си дискутираше со нив за многу работи, се смееше, велеше дека добро се чувствуваш.
„Седум години“ од Зорица Ѓеорѓиевска (2012)
Сега, откако дедо Најдо со поттргнување на катинарот се увери дека добро заклучил, се осигури дека добро го држи бастунот и се сврте да тргне кон сретселото „Добро утро, дедо Најдо“, му рече авторот подвикнувајќи. „Или добар ден“, се коригира.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
По срдечноста на поздравувањето и тапкањето по рамо, сфативме дека добро се познаваат или се многу блиски.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
НИЕ, ДРАГИ МОИ, не можеме да се пофалиме дека добро си ги чуваме своите лични работи како што се: облеката, чевлите, книгите и ред други предмети што ни служат за лична употреба.
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
Дојдовме и ние децата, откај козите мислејќи дека добро сме ги сокриле и сме оставиле доволно лисје.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Татко ми, кога дозна што сторила мајка ми неопределено ја погледнал, но потем рекол дека добро сторила.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Што знаев јас за резили, ја следев како што можев, се сеќавам дека ја слушав придушено. Votre âme est un paysage choisi... но си ги гледав дланките низ клавишите и се чинеше дека добро свиреа, дека чесно ја следеа Нора.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Би сакала да ѝ пратам телеграма, пакети, да знам дека ѝ се добро децата или дека нема деца – зашто ми се чини дека таму немам деца – и ѝ треба утеха, сожалување, бонбони.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)