да (сврз.) - сфати (гл.)

Таа кон мене се однесуваше како Конан Варваринот и беше убедена дека е нова Лиз Тејлор. Каква заблуда, Тики.
„МАРГИНА бр. 37“ (1997)
Додека не ја претворив во прасе не можеше да сфати дека не вреди колку ни еден мој прдеж.
„МАРГИНА бр. 37“ (1997)
Не можевме да сфатиме какво големо зло сториле козите, та сега ќе ги убиваат.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Додека јас не можам да сфатам што е тоа може да предизвикува потсмев во друштвото во кое се наоѓам, луминозноста на мојата стварност како да секна за еден кус миг во кој нешто се случи.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Важно е човеков да сфати дека живее во две кожи.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Додека јас така се мачам да сфатам со кого имам работа, човекот со кого се движам сѐ повеќе ме носи кон црвената боја додека сѐ повеќе зад нас останува жолтата боја којашто ми е толку многу примемлива.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Јас знаев дека таа девојка лесно се заљубуваше, ама во тој момент не можев да сфатам дека до таму дошла работата.
„Ласа“ од Наташа Димитриевска Кривошеев (2011)
Ти си Марко, но веќе еднаш треба да сфатиш - не си ти Крали Марко со боздоган - иако баба ти те вика Крали Марко!“
„Клучарчиња“ од Бистрица Миркуловска (1992)
Цел живот залудно се обидував да сфатам во што битно е осмислен животот, каде е и што е тој, и дури откако докрајчи патот ја осознав таа вистина дека тој е тука, точно во овие коски, кои гризејќи се сами себеси - го изгризаа и него.
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)
Проповедникот На д-р Ѓорѓи Зафировски Никогаш и никаде Тој не спомна нешто што ние живите го поимаме како време, и ете, во суштина, ние се разликуваме од Проповедникот не сакавме или пак не можевме да сфатиме дека нам не ни одминува времето туку - животот.
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)
Доколку не беше усраниот провајдер да ми го исклучи нетот, немаше да сфатам дека и јас спаѓам во групата на интернет џанкери.
„Двоглед“ од Горан Јанкуловски (2011)
Свиен, зграгорен, нем, Андон не можеше никако да се прибере и да сфати што станува со него сега.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Келнерот застана, се поднаведна: дали чу добро. Иако свикнат на севозможни своеволности на гостите, сепак не можеше да сфати: „трубачот молам“...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Стана, па прв се прегрна и се бакна со Антима, потоа со татковска нежност ја прегрна малата Иринка, која, иако причина за оваа веселба, најмалку можеше да сфати што се случува.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Млекарки со полни ведра кога се враќаат од молзење и разбој и на него мајка ти врз бесконечната ливада на веленцето што го ткае спроти Велигден да гледаш постапно како никнуваат на милиони цвеќиња, тревки, плодови и незаборавна, точно во тие години, во пределот на првиот допир, да почне една војна, постапно да го изумуваш својот татко, тој да исчезнува низ времето, да потече и крв од твојата нога за да сфатиш дека твоето детство стои допрено како божјак до војна и молчи...
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Да потпораснеш, да се напласти снег повисок од твојот бој, утринум рано со бадник и со торбуле да чукнеш на вратата на дета ти, тетка ти, да ги затечеш покрај огниште, да им бакнеш рака, да те благословат; нешто потоа, како во сон да видиш една огромна смрзната река во која се фрла крстот и по него се фрлаат и неколкумина за да и на овие свои години пак да не можеш да сфатиш дека сето тоа било една обична рекичка, мал јаз, еден поп и еден огромен крст и молитви што се издигаат до небесата...
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Силна шлаканица ме освести од фантазијата; како сега се сеќавам дека во првите мигови не можев да сфатам што се случува.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
И така би: цела ноќ чинев од многу – Едно. Голема ука е тоа, о бедни, и никој од вас не може да сфати каква возбуда силна душата ми ја обзеде, каква сладост, кога почнав да ги распоредувам стакленцата од огледалото по редот вистински.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
„Ти никогаш нема да сфатиш“, рече.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Говореше дека неколкупати во животот имал прилика да му се укаже силна светлина, и дека не можел да сфати како никој околу него не може да ја види; таа светлина, велеше, во неговите сетила побудувала и некаква раскошна музика.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Јас гледав занемено во него и не можев да сфатам: дали не знае што се обидовме?
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Се искачивме на насипот и јас, без никаква видлива причина јурнав да трчам код мостот; зад мене Земанек викаше да застанам, да го почекам; јас не застанував, јурев кон тунелот, влетав во него, трчав и пеев: „Учи ме мајко, карај ме, како да земам Луција“; трчав кон светлината, но експресот веќе беше поминат и не можев да сфатам дека веќе нема ништо пред мене, освен светлина; и во моментот кога излегов на светлина, кога градите ми се полнеа со воздух (каква страшна болка во градите!), видов дека Земанек допрва влегува во тунелот.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Не можев да сфатам во што сум живеел, во каков кафез; не можев да сфатам дека таа лажна граница на космосот што ја поставаат системот, политиката, општеството, сведувајќи го целиот раскошен космос на три зони: секс, политика и економија, може до толку да ги затапи сетилата на човекот, та овој да престане да го гледа невидливото: подвигот, она зад онаа страна на нештата.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Есејот беше напишан за една ноќ, со многу вино, што може да се забележи, според наместа неповрзаните асоцијации; јас и денес ги гледам тие места, но не ги коригирав, за да можете да сфатите во каква емотивна состојба сум бил тогаш.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Дека ние сме заслужните за нејзиното воведување па затоа и нам треба да ни припаднат привилегиите што доаѓаат со нејзиното постоење.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Му реков: „Имај на ум, се случува и тоа, а и мене ми се има случено, дури кога ќе згрешиш да сфатиш дека животот има задолжено специјални избраници и помеѓу луѓето за кои сметаш дека посебно те ценат.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Зошто се мрштиш? Поради спомнувањето на она, инстинкти?
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Притоа, по правило, секогаш тој го избира вистинскиот момент.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Ајде, помогни ми да сфатам што размислуваше. Како си ја замислуваше акцијата.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Однесувањето на луѓето во случајот со Кошевски а потоа и во мојот случај ми помогна да сфатам дека многумина од нас, борците, кои бевме спремни да си ги дадеме и животите за оваа слобода, сметаа а и уште сметаат дека ние сме авторите и создателите на праведноста.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Имам впечаток дека соработувам со интелигентно момче кое не е раководено само од своите инстинкти.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Се разбира, животот одвреме навреме ќе им одреди на овие свои избраници кога да го изведат казнувањето и со какви средства.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Нивна задача е да спроведуваат некои важни упатства и да ги штитат интересите на нарачателот.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Затоа мора да те убедам да сфатиш дека духот е секаде наоколу, сеприсутен.
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
Сепак, би ми било навистина многу драго ако успеа да сфатиш дека не бевме ниту деспоти, ниту ненаситни посесивци, туку дека се трудевме да ти овозможиме најдобри услови за безгрижен, самостоен развиток, да ти всадиме широки и хумани погледи кон светот, да ти дадеме скапоцени совети за што побезболно да ги минеш младешките кризи.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
„Сите на оружје – сѐ за победата“, гласеше една парола и многу пароли беа извикани во чест на најголемиот, најмудриот и на-нај син што се презиваше Захаријадис и дотогаш и малку подоцна никој не сакаше да сфати и да поверува дека токму тој беше најголемиот измамник!
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Но, Вера како тоа да ја крена, како да сфати дека состојбата на Ели е таква што ние двете со неа не можеме да ѝ помогнеме, стана брзо, ја завитка Ели во тенко ќебе, ја крена в раце и заедно потрчавме кон болницата.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
Се мачев да сфатам што се случуваше околу мене.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
Не можеше да сфати како настаните што се случуваа (или пак оние што се случувале без тој да знае) претходните месеци, па и години, доведоа до војна.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
И без неа, и со неа, тој не можеше да сфати дека љубовта, всушност, живее така, во ретките мигови на откровение што не треба да се забораваат.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
Наглас се кажа она што тој со денови го мислеше, неправдата што го гореше, агресијата врз неговиот личен и национален мир која не можеше да ја сфати, како што не можеше да сфати со која своја постапка, како човек или како Македонец, тој придонел да се најде во оваа ситуација.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
Мораш да сфатиш дека Господ ти го свртил грбот.
„Календар за годините што поминале“ од Трајче Кацаров (2012)
Многу е важно благовремено да сфатиш дека си идиот.
„Календар за годините што поминале“ од Трајче Кацаров (2012)
Да имаш нос значи да можеш да намирисаш нечие присуство или да сфатиш каде си и со кој си, всушност, предвреме да видиш во што каша си заглавен.
„Календар за годините што поминале“ од Трајче Кацаров (2012)
Трагичното кај нас е во тоа што многу учиме за да не научиме, односно за да сфатиме дека не сме за школо.
„Календар за годините што поминале“ од Трајче Кацаров (2012)
Не знам колку време ни треба да сфатиме дека треба да се спроведуваат казнени мерки, санкции против сите што се однесуваат како вагабонти, да не кажам, како леванти со македонската драматургија.
„Календар за годините што поминале“ од Трајче Кацаров (2012)
И од тој друг пуштал перчиња магла или темница пак друг Онисифор Мечкојад.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Ослободен во набожната покорност да господари и да ги држи дизгините на туѓите судбини, не можел да сфати зошто се буни крвта на неговиот имењак.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Пред да сфатам како и кога, сета таа магија ме крена на нозе и ме доведе до прозорецот над кој мајсторот се двоумел дали да ѝ отвори пат на светлоста или да остави отвор за огњарка, тајна надеж дека со пушка ќе може да се спротивстави на арамии или насилници со чалми.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Не бев дораснат да сфатам дека суровоста е правдина на обесправени луѓе.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Најверојатно познавал секакви пијачки и напивки со кои се пречистувала крвта и секако по несреќа залутал меѓу шуплоглав свет што не можел да сфати дека по такви екими каков што е тој копнееле далечни калифи и нешто поблиски везири.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Но далечното ѕвоно ја отчукуваше возбудата на моето срце што раснеше со трепетливоста на тагата и радоста, најпрвин на тагата за сите мртви на патот што пролетта ќе ја почувствуваат по движењето на лесковите или габеровите корења, потоа на радоста што сум жив и што можам со прсти да го допирам своето врело лице, што оздравувам од невестинска песна, придружничка на птици и клокотава смеа на селски дечишта: Кога, дете ќе ми плаче ќе ми плаче за цицање полегни го под стреине ќе заросам ситна роса ќе надојам машко дете ...
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Нашата тврдоглавост сѐ повеќе се оклопуваше со бездушност.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
И со насмевка што им била својствена само на најблагородните левантински филозофи што во своите мисли го ставале човекот над верите и над расите, бавно, со свиркање на воздухот од неговите гради помеѓу секој збор, објаснувал дека ниедна болештина не е посилна од возвишеноста на духот.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Но разумот, еден во некој од тројцата по облик исти Онисифоровци, се усвитувал да сфати што се случувало.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Во таа чудна суводолица, ни рана на заздравување, ни болка, ни спомен на болка, во сета нејзина издолженост, до работ на острата вилица, лежела зимска модрина на истинато месо.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Денес, додека чекореше напред, сам по белината, и додека ѝ се радуваше на таа своја самота, тој можеше добро да сфати што е тоа во него.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Најпосле, ако не можете да сфатите во што е работата, оставете ме на мира да бидам малку сам и да не ги гледам вашите муцки.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Никој од нас не би искористил никого на светов.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Никој не можеше да сфати од каде добиваме достатно пари за да ги полниме стомаците со храна, дури ни старите луѓе од фамилијата.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Пребрзо за да сфатат војниците што се случува.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Во историјата на човештвото се случувало и порано измамниците да бидат измамени.
„Пупи Паф во Шумшул град“ од Славко Јаневски (1996)
И пенушка гнила ќе може да сфати – насекаде само крадци и гранати.
„Пупи Паф во Шумшул град“ од Славко Јаневски (1996)
Во Пансионот на видно место стоеја и Правилата за однесување со кучињата во кои пишуваше: „На секое куче треба да му се почитува правото на природен живот; не смее да се злоставува и да му се нанесуваат физички и психички болки; секое куче има право на заштита и нега; треба да се сака такво какво што е, зашто тоа не е во состојба да бира сопственик, а сопственикот го бира него; ако не чини, треба да му се помогне да се поправи, а не да стане жртва на лошото однесување и изживување; не треба нетрпение и брзање веднаш да се научи на сѐ, ами треба да му се даде време да сфати што се бара од него; не треба без причина да се разлутува или казнува, зашто и тоа може да изненади, да врати; првиот удар тоа го простува, зашто мисли дека е случајно удрено, по грешка, но ако по втор пат го удриш, сфаќа дека е намерно и тогаш ударот ти го враќа со уште поголема мера и те замразува со сета своја душа; тоа најчесто е само и нема никого освен тебе: разговарај почесто со него и самиот ќе се изненадиш како те разбра; љубовта со љубов ти ја враќа; и тоа, како и човекот, има своја судбина: не придонесувај да му е тешка; ако остари, ослепи или оглуви, ако стане неподвижно и остане без заби помисли дека тоа може и тебе да ти се случи, зашто староста е иста за сите; не однесувај се кон него како кон некој обичен предмет, зашто кога ќе го изгубиш, ќе видиш колку е жално; испрати го на неговиот последен пат и размисли дека секоја смрт, било таа и на животно, е загуба за сите: еден живот помалку на земјата”.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Мигот со тебе И повторно талкам во овие доцни часови до твојот ум, и никако да сфатам дека и да стигнам таму, ти пак ќе ме болиш...
„Разминувања“ од Виолета Петровска Периќ (2013)
Го сочекаа кога излезе од станот и со вештина на рибари кога ја фрлаат во вода својата мрежа го сплеткаа во долг платнен оклоп, а тој, пред да се почувствува како мумија, сфати сѐ што може да сфати здрав човек и крикна, се разбесни, пожали што не му се рацете слободни со громови да ги милува ниските чела и полните бели усни, сфати дека му е наместена игра и дека е волк в стапица.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Преку корици и страници на стари класици. Пред да сфатиме дека зборовите можат да се исушат побрзо од мастилото со кое се пишувани.
„Зборот во тесен чевел“ од Вероника Костадинова (2012)
Не можам да сфатам како можи некој да си дава за право да ти го оспорува идентитето, обичаите, начино на живот, културата, да ти го оспорува правото на живејш и работиш таму каде шо си роден, да те брка од дома, да те смета за помалку важен од себе.
„Белиот јоргован“ од Хајди Елзесер (2012)
Пред да сфати што прави, падна во еден мал стол што стоеше покрај креветот и почна да плаче.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Оставени сами на себе, тие ќе продолжат од генерација во генерација и од столетие во столетие да работат, да се раѓаат и да умираат, не само без секаков нагон да се бунтуваат, туку и неспособни да сфатат дека светот би можел да биде поинаков од она што е.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Зарем не можеш да сфатиш дека смртта на единката не е смрт ?
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Боже, кога би се замислил тој и кога би сторил ниет да сфати колкаво зло сам да си причини може!!...
„Куршуми низ времето“ од Љупчо Стојменски (1976)
Можеби тоа било онака како што се случува завидливите да се тешат со својата морална чистота, иако, од кажувањата на Методија, можев да сфатам дека Симон не бил обземен од чувство на неуспех.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
Сакав да се штипнам и да почувствувам болка за да сфатам дека не сонувам, не верував дека ми се случува ова, толку убава среќа.
„Седум години“ од Зорица Ѓеорѓиевска (2012)
Баба Петра не може да сфати што се случува.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Мајка не можеше да сфати каква опасност може да предизвика споменувањето на грофот Чано во семејство­то, триесет и пет години по неговата смрт, по исчезнувањето на фашизмот.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Обзеден од сликата на фронтот, кутриот, не можеше да сфати, не може да ги разликува униформите. Вели: „Сите пукаа... Сите се едно...“
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Знам дека се прашував, бидејќи паметам дека лично се воздржував од каков и да е одговор, иако далеку во мислите наслушнував нешто како шепотење од кое можев да сфатам дека на ниту еден настан не може да му се стави точка и да се прогласи за звршен.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Она што се случувало во минатото го исклучува вметнувањето нови учесници во тие случувања, ми објаснуваше Пачев.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Се разбира, мислев на сè она што веќе го спомнав: на гласовите; на претрчувањата; па дури и на сите оние коридори што одвреме навреме заличуава на темни сокачиња од некое не осветлено гратче.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Тој не можеше да сфати дека дури подоцна ќе биде разработено и дооформено четивото кое ќе послужи како материјал за откривање на вистината и како лектира во натамошните стручни расправи.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Сѐ уште не сум му рекол на Пачев дека и Загорка Пеперутката, слично на него не може да сфати дека убиството е убиство. И од љубов, и од омраза.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
- И додека ја чувствував онака висината на мојот врат јас во себе се прашував Зар можело да се случи тетка Боса да се посомнева или да сфати дека во мене сѐ повеќе се намалува вербата во вистинитоста на она што се случуваше?
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
- Токму тоа - реков, можеби по малку и гневен - не можам да сфатам: ме обавестуваш за смртта на нашиот пријател а ти си во толку добра кондиција и покрај лелекањето преку телефонот за обетките, облеката, шминката.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Ми помогна да сфатам дека се наоѓаме веќе во Пицеријата и дека најсетне можам да ја видам Ана како насмевната ни понудува во големите бели чинии барем дел од себеси.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
- Можеш ли да сфатиш зошто сум бесна?
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Вие, колку што можев да сфатам, бевте журналист, ме прекина тој.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Затоа ѝ беше потребно по неколкупати да му повторуваш што си рекол, ако сакаш да сфати дека му се обраќаш токму нему, а потоа ќе требаше да му објасниш која ти е намерата или што сакаш да дознаеш.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
„Не можев да сфатам дека низ ветерот сме ги фрлиле сите надежи!
„Жонглирање со животот во слободен пад“ од Сара Трајковска (2012)
Знаеме што е пред нас и позади нас, минатото секогаш ја стигнува сегашноста, ќе се испреплетат, ќе се сплотат и ќе ја создадат иднината и ништо нема да сфатиме.
„Жонглирање со животот во слободен пад“ од Сара Трајковска (2012)
Нешто си се смешкаа меѓу себе, а јас, иако не слушам низ нос, не можев да сфатам за што станува збор.
„Чкртки“ од Румена Бужаровска (2007)
Не ме слуша како ѝ кажувам дека е шмизла и легнувам да спијам.
„Чкртки“ од Румена Бужаровска (2007)
Пишувам кон тебе за да сфатиш, Иако за наивна будала ме процени, ти мене на пазар ме стави, ти мене ме процени за пари и мене само така ме цениш.
„Илузија за сон“ од Оливера Доцевска (2013)
ЈАКОВ: За да сфатиш што се случува околу тебе. НОВЕ: Зошто? За да ме затворат и мене?
„Одбрани драми“ од Горан Стефановски (2008)
Има чувство дека со колената допира нешто, ама што е, не може да сфати.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
А способен ли е во такви околности да оцени и да сфати кој го води и со кого тргнал?
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Светот во кој досега се движев е без вера, но не и луѓето кои живеат во него и требаше да ја сретнам твојата мајка за да сфатам и да се уверам дека има луѓе кои знаат да веруваат и да се надеваат во продуховеноста на денот, ослободени од демоните.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
- Ти си паметно момче, - ми рече, - ама, сепак си мал за да можеш сѐ да сфатиш.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
Се случуваше нешто многу страшно, а тие сонливи, изненадени, не можеа да сфатат ни каде се ни што се случува.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Кога се подисправив, со двете дланки ја фатив за задникот одоздола и почнав да се стегам во неа без да сфатам дека доаѓа крајот на моето еротско патување.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Едо никогаш не можеше или не сакаше да сфати зошто некој авион би морал да полетува пред осум изутрина.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
И сите од ред почнаа да ѝ честитаат, а Пела се протурка до мајка си и се закачи за нејзината рака, ама не побара да биде крената, ама мајка ѝ како да сфати што сака па ја израмни со себе за да може да гледа одгоре.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Колку е висок, какви му се очите, дали е силен, дали таа и таа артистка убаво е облечена и нашминкана...
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
Кога потоа ги гледам тие артисти во некој филм на телевизија не можам да сфатам дека навистина тоа со своја рака го напишале специјално за нас и често ја гњавам мајка ми да ми раскажува кој од нив каков е во живо.
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
ВО БИТОЛА СО ВРЕМЕПЛОВ Дури некаде во октомври, еден месец пред да наполнам единаесет години, конечно доживеав и мене да ми се оствари една од моите патувачки желби.
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
Индија е далеку и одвај можев да сфатам како, кога и дали воопшто едно писмо испратено од Скопје ќе стигне дури таму.
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)