ама (сврз.) - друг (прид.)

и уште од далеку мириса на ракија, барем сега можете да кажете чии шпиони сте, вели, не оставајте ѝ товар на душата дури ќе го барате патот кон небото, кога ќе ја качувате кон господа душата, вели, на правина нѐ земате на душа, велиме ние едно задруго, прескакулица ни одат зборовите, ние сме сиромашни луѓе, печалбари, ебати небото и ебати господот, сичките сте од Македонија, сите, викаме, сичките, по зборот сте оттаму, вели, и моите родители се оттаму, ама вие немате пашапорти, верувајте ни, господине, ние сме селани и не знаеме да лажеме, јас ви верувам, ама другите не веруваат, вели офицерот, моли господине, велиме ние, прави еден голем манастир, тој ја фатил главата и со дланката ја потпира под брадата, се мисли, се двоуми, па потоа се враќа назад, ние чекаме, си шепотиме молби и молитви до господа, белки има господ, вели Стеван Докуз,
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
имаше еден безбожник којшто призна дека кога му било најтешко, пак, на небото му се помолил, пак верувал дека нема господ, ама друг и немало до него и устата сама му се отворила да го моли господ, оти тогаш може да ти помогне само тоа што не е до тебе, тоа што не го гледаш, што не го познаваш, што не си го сретнал, господ мора да е и овдека и онаму, вели Илија Јованов, господ мора да е насекаде и затоа не можеме да го видиме и тогаш пак го гледаме офицерот, се враќа: дали сте биле војници, прашува, не, не сме биле, кажуваме, е отсега ќе бидете, вели, смртната казна ви ја заменувам со казна на прва борбена линија, вели, ќе потпишете дека доброволно се јавувате, ќе потпишеме, велиме, како не ќе потпишеме, таму барем може и да преживеете, вели, е ти благодариме, господине, велиме, ти отсега си ни господ, велиме, и одиме му ги бацуваме рацете, колената, чизмите, не бацувајте ме мене, туку потпишете овдека, ни вели, имате штастие, имаме, велиме, и среќа и штастие имаме, сигурно дека е пијан, си мислиме и нѐ одведоа во некоја касарна, ни дадоа алишта и плачките ни ги вратија после пак ни ги зедоа, ама тогаш ни ги вратија, само парите не ги вратија, пари не ви требаат, велат, оти одиме на фронт кон Турција или во Македонија. 122
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)