што (прил.) - сега (прил.)

Ручекот не е оној истиот од пред малку затоа што сега е задушен, додадена му е аромата на запалена цигара, на тутунот што споро гори, ама силно чади и бргу убива.
„Календар за годините што поминале“ од Трајче Кацаров (2012)
На првите истрели се збуни целата полиција, а и заптијата веќе беше ги известил муљазимот и кајмакамот и овие трчаа со сите заптии и оружани слуги што ги имаше по Прилеп.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
— Сега? Што сега! му се врекна Шаќир. — Гледај да ги продадеме кожите поскапо. Тоа е сега.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Не знаев како си отидов до дома пред децата. Дома! А што по тоа дома? Застана тркалото! Што сега?
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
И што сега за крај да ти кажам, како своја љубов да изразам, сем од гради да изнедрам крик: Ај билив ин ју, Америк!
„Бед инглиш“ од Дарко Митревски (2008)
Сѐ повеќе мислеше дека станува никаквец. Што сега? се прашуваше.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Го испив кафето над растурените хартии и книги, ја испушив цигарата, го сетив она забрзано удирање на срцето и, што сега?
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Снегот што наврнал преку ноќта ја беше скрил сета друга грдотија на градот, и сликата што сега ја гледаше пред себе беше прекрасно и неверојатно чиста.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
На ширинката пред нејзината зграда некои деца веќе имаа направено патеки во снегот и весело ги влечеа санките по нив.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
„Ова што сега го реков мора многу да им се допаѓа на грчките несреќни „левучари“, меѓувремено си рече авторот и продолжи: Ова е миг во кој ве повикувам секој во себе да си признаеме: Секој од нас, секој ден, од девет до пет е на работа.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
За волја на вистината, тоа беше Струмица од којашто на авторот „срцето му се раскажуваше“ поради љубовната авантура со една „азган“ распуштеница со која соголените задници им беа направени касапана од лутите летни комарци некаде на ледините таму каде што сега во Скопје се наоѓа населбата Аеродром.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
И не е тоа поради статусот кој ми се промени од нечија во ничија, да речам слободна, ниту, пак, затоа што пропорциите на телото ми се „боли глава“, ами затоа што сега сум една обична распуштеница која може, ете, да биде сечија.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Што сега? Шумеше таа крв. Како да одговорам?
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Да не беше тоа прва наша средба и да го имав запознато Игбал така како што сега го познавам, сигурно ќе го замолев да ми објасни подетално што се тоа западњаци и источни цивилизации, ама таа ноќ, тогаш, не сакав да помисли дека сум незнајко, па решив утредента да го прашам брат ми.
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
1 Зад последните куќи на нашиот град, сред бавчите, покрај два реда вити тополи, што стојат високо исправени крај јазот има една голема сламена колиба, во која што сега никој не живее.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Меѓу стеблата во снегот стоеја вдлабнатинките од испаѓаниот окит, како единствени измешани дири, што покажуваа дека тука наодамна поминал со својот палав чекор на заводник тој јужен ветер, а потем отпатувал натаму во длабините на шумата, од каде што сега, заедно со она трубење, се слушаше како понекогаш прикрцкуваат гранките, кои сосема им се подале на неговите топли игриви прегратки, така за тој да може дури и да ги однесе на својот пат и остануваа скршени со онаа слатка болка на трудницата, или пак продолжуваа ритмично да го повторуваат своето занесено стенкање.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Ако не беше болеста, никогаш не ќе дознаев што е брусница, никогаш немаше да пропијам пиво, во што сега уживам големо задоволство.
„Вител во Витлеем“ од Марта Маркоска (2010)
Што сега? Почнав да се искрадувам од сокак во сокак, од свиок до свиок, од сенка до сенка - да ги избегнам патролите, полициски и воени.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Сфатив дека со молкот и немата загледаност во просторот пред себе си го раскажуваа заеднички изминатиот пат – патот на големите мечти и надежи, патот на изгубената младост во тешките, нерамни и крвави битки, во долгите ноќни маршеви, во студените бункери и земјанки, во болниците и под небото на далечни земји; долг пат што сега е претворен во рој од спомени кои како мониста се нижат на свилен конец.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
„Свртете ги дланките! Има ли плускавци!? Има! Значи добро работевте! А сега, Адеме, што сега?“
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
И белки не е за несреќа“, си рече жалејќи што сега не му е младоста од едно време кога беше комита во четата на деда Гера.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)