уште (прил.) - одвечер (прил.)

А наредниот ден, уште со темница, ќе се растрчаа по ридиштата низ шумата, во полето низ житјата, ливадите и бафчите, и ти цел ден има да си слушаш пукотници, ловџиски рогови, лавеж на `ртки и загари, а преквечер, пред зајдисонце, со полни ранци убиени диви животни и птици, преку рид се спуштаа кон старата железничка станица и оттука со воз си заминуваа, јали во Прилеп јали во Битола.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Чомлекот, на пример; редовницата уште одвечер ќе го наполни грнецот со дробенки од гоедско месо, само удина, ќе стави многу кромид, цел грст налупени чешниња лук, една рака суви везени пиперки, црна пипер, сол, две-три дрвени лајци сало и ќе го поклопи; околу наоколу поклопот убаво ќе го залепи со тесто за грнецот, за да не туши, и така спремениот грнец ќе го намести на огниште.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Со џандари, со `ртки, со загари и со некои нашинци, лижнигазовци, оттаму, од Прилеп и од Битола, ќе клапнеа уште одвечер во населбата и ќе им заповедаа на редовниците да им приготват убави вечери - питулици, мазници, зелници, печени кокошки, пресни погачи, чомлеци и јании; откако ќе се накркаат, ќе се налокаат вино и ќе се акнеа да спијат во гостинските одаи, за таа цел, за нивното доаѓање, предвреме напрашени за од страна на болви, вошки и други инсекти.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
А научив и по тоа што на тој ден дома беше вистинска збркотница: уште во рани зори стануваше мајка ми, нѐ будеше сестра ми, мене, дедо ми и почнуваше она што севезден го проколнував: ги тресевме постелите, ја менуваме сламата од сламарниците, се пентаревме на столови и со метла мавтавме по ќошињата кинејќи ја пајажината, роневме пченка и толчевме исушени пиперки, ги вадевме добичињата да се топлат на сонце во дворот, трчавме по кокошките за да ја фатиме онаа што носеше јајца во туѓа плевна и на која дедо ми уште одвечер ќе ѝ донесеше пресуда зборувајќи дека такви лиоти не би требало да се држат дома.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Другиот ден, пред самиот ручек, ќе го симне грнецот од оган, ќе го извади поклопот, ќе му тури потпршка, троа брашенце и црвена пипер, и - ете ти јадење од кое немаа најаска силниците кои доаѓаа, божем по работа, уште одвечер во Потковицата и заповеда да им се зготви утре за ручек чомлек.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)