Што се однесува до индуктивниот поглед врз светот на разнообразните нешта, кој татко ми, како што реков, ми го всади порано и подобро од сите професори – него го користам често, некогаш и не сакајќи - на пример, кога минувам по улици и ...уште една згазена мачка од синоќа – малолетните камиказе возачи станаа сообраќаен терор – нормално кога улиците се претесни – урбанистите пред десетина години не мислеа дека градот сосе сообраќајот толку ќе нарасне – метро?, но подземјето на градот е преполно со цевки и жици...итн. или...во центарот на градот, во паркчето меѓу градските кули, додека мирно си седам на клупата, нешто остро ме пецнува по левата нога – од некој кат, од некоја од околните висококатници, некое дете пукало со воздушна пушка во мене – децата некогаш гаѓаа врапчиња, а сега луѓе – нормално, сѐ подоцна легнуваат, сѐ подолго го преспиваат денот, а кога ќе се разбудат, се нервозни и лути – а што ако наместо во нога ме погодеа во око, кој ќе ми помогнеше? – зошто ниедна влада во оваа држава не го регулира ноќе времето до кога малолетниците можат да останат во кафулиња – итн...итн...
„Човекот со четири часовници“
од Александар Прокопиев
(2003)
Дали во него се пренесуваше неговиот неостварен сон да излезе од маѓепсаниот круг на балканскиот егзил или имаше нешто друго, величествено во неговиот страдален живот, преполно со заминувања, со неизвесности.
„Ервехе“
од Луан Старова
(2006)