Врвот на Тумбица веќе е како избричен, а на Брчалото му се ближи времето кога, како што самиот предложи, тој требаше да земе едно запалено кандило од црквата Свети Архангел Михаил и да го однесе на Тумбица, да го постави на место каде што ќе се подигне една христијанска и една католичка црква за да имаат каде да се прекрстат и брезничани за својата среќа и сите што со своите чопери ќе слетуваат на Тумбица со џебовите полни долари.
„Човекот во сина облека“
од Мето Јовановски
(2011)
Влегоа во гостинската одаја со долга трпезна маса и столбови од резба, шарен ткаен килим на подот, ѕидана печка во ќошето, тесни прозорчиња со бели платнени пердиња собрани на средината со ширит и запнати за рамката од прозорецот да влегува повеќе светлина; на челниот дел од одајата иконата на свети Наум со запалено кандило; на едниот ѕид стара слика на манастирот; на средината од масата свеќник со свеќи; на полицата над масата газјена ламба од бел порцелан.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)