Поворката на закопот го пробива снегот и ги напушта селските сокаци, одминувајќи бавно по стапалките само на оние двајца, што беа отидени изутрина да го ископаат гробот.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Истрча целото село да го пречека: напред одеа музикантите, свиреа со труби и тропаа на барабанчиња: нивната бучава го заглушуваше просторот; по нив, качен на коњ, одеше Лоте, облечен во алишта на витез; луѓето плескаа, го поздравуваа, а Лоте им мавташе со раката и им отпоздравуваше како да оди или се враќа од поход; зад него одеа циркуските коли ишарани со дречливи бои и креваа прав, тропајќи по нерамниот пат и влечејќи се бавно по преморените коњчиња што ги влечеа; од прозорчињата на колите ѕиркаа циркузантите со ишарани лица; по нив одеа кафезите со животни кои ѕиркаа низ решетките и ги подаваа муцките кон децата што трчаа по нив и врескаа.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)