Го допира стаклото на јужниот прозорец, а што ќе го отворам, навлегува, со белото шумолење и со понекоја гранка, внатре, во собата.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
Предниот дел од куќата го заплискува езерото, дупи водата на него настојувајќи да го пробие; по ѕидот се оцртуваат темни валкани линии, 'рѓи, останати од езерото кога надојдувало и се качувало нагоре; долниот кат е влажен и во него не се живее; на горниот кат има прозорец што гледа право во езерото; во дворот, што се шири во задниот и јужниот дел од куќата, има бунар чијашто вода доаѓа од езерото низ песочните жилички и која постојано стои на нивото на езерото: кога тоа се повлекува, и бунарот се суши; од бунарот се црпи вода само кога езерото е матно, кога дува југот, и кога од него не може да се пие вода; во куќата се влегува од надворешните скали залепени до ѕидот и заштитени со дрвени пармаци; скалите завршуваат на долгиот чардак од кој се влегува во двете одаи; секоја има јужен прозорец кој гледа во дел од селото и во планинската шума што се протега сè до албанската граница.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)