Светот настанал од влажен збор. (настанокот на светот според Догоните) во мигот на зачнувањето влажен е и воздухот и вагиналните ѕидови, температурата триесет и седум степени, умерено до значително облачно со услови за краткотраен дожд. никогаш не си земал часови пливање, но грбно ти оди добро. со секое проѕевање во матката по малку и голташ - протеини, јаглени хидрати, електролити и уреа. спокојно се нишкаш на тој воден кревет. како човечка рипка дремеш во мракот. потоа шок - со плач протестираш кога меурот ќе прсне и мокриот остров ќе се претвори во непрегледно копно.
„Сонце во тегла“
од Илина Јакимовска
(2009)