Брегот на Профим зарамнет со снег; овошните стебла се оцртуваат на снегот како јагленови рецки исчкртани на хартија; нивните крошни напластени со снег, сосем бледо се уочуваат: кога ќе блесне сонцето, им ја фрла сенката на белината од брегот; куќата на Профим личи на некој замок скриен меѓу два снега: еден што напаѓал одозгора, друг што пораснал одоздола; прозорците, отсечени, со една кривулеста снежна линија, одвреме навреме пламнуваат на сонцето како одвнатре да избувнува пожар; од оџакот се исукува тенок чад кој се шири и се распаѓа како црн туш во вода; ако продолжи вака, ти се чини, ќе го исцрни сето небо; кокошките во дворот се фатени во едно богатство, во една паника, исплашени од секирата на Профим.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Втората свеска од Дневникот, голем формат, од околу 200 страници, нападно озаглавена со црн туш како Без преживување нема уметност со распон на дати од почетокот на јануари 1951 па до средината на осмиот месец во 1953, ја одразува големата борба љубопитното дете да се осознае себе, да го совлада она што му го одзела војната, а во исто време да импрегнира толку многу настани, приказни, судбини што постепено ќе почнат да се преточуваат и во поинакви форми.
„Исчезнување“
од Ташко Георгиевски
(1998)