Мојата помисла во моментот беше дека се наоѓам во една од сликите на Ван Гог во која е прикажан чемпрес, а зад него се ѕвездите и целото небо, насликано како на крај од огномет.
„МАРГИНА бр. 10“
(1997)
колку патрони чеиз му донесе на Горачинов, ми велат, да имавме ракија, вели Горачинов, ќе ве викневме на блага ракија, и ќе фрлавме пушки, вели, свртете на друго, вели Ристо Коларов, здравувајте нѐ в образ, бацете ни рака, вели, не го погоди моментот, вели Горачинов, историскиот момент, ова не е свадба, туку свадбено патување, вели, дури си млад сѐ можеш да кажеш, што се вели, сѐ ти се може и сѐ ти прилега, и јас гледам како се стемнува и како цело небо ни слегло во морето, сосе ѕвезди и сосе месечина и си мислам дека сме тргнале по небото, сме се закренале на некоја пловидба меѓу ѕвездите, целата сум зашумолена и пренесена некаде, некоја голема умора ми се обесила на клепките, ми натежнала во коските, нешто гледам, а повеќе не гледам, како до половина да сум заспана, завлезена во сонот;
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Кога ќе се загледаше во нивните роеви, имаше впечаток како со нив, со тоа нивно густо виорење, што носи некоја блага и бесконечно лелеава вртоглавица, да се спушташе на земјата целото небо.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)