И секогаш потоа, кога веќе не бев девојка, и се обидував да се сетам на девојките од времето кога и јас бев девојка, пред очите ми се појавуваа само оние најблиските, се сеќавав на преплашеноста во гестовите, на потреперувањето на гласовите, на воздржаноста која уште повеќе ја истакнуваше заузданата возбуда.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“
од Гоце Смилевски
(2010)
Ние бевме првата генерација девојки родени по настанувањето на зборот “сексуалност” во 1859 година, ние бевме девојки во она време кога интимниот однос помеѓу машкото и женското тело некои го нарекуваа ”телесен чин”, други - “венеричен чин”, трети - “нагон за расплодување”, и тоа физичко соединување на двата пола беше исчекувано со идеализирање, но беше сфаќано и како деградација, а понекогаш за исто суштество беше и едното и другото: од тоа соединување на двете тела се очекуваше воздигнување на душата во некои небесни сфери, но и се гледаше на него како на некаква животинска активност која ја валка душата.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“
од Гоце Смилевски
(2010)