Имено, кога се навршија три години од Бошевото заминување, а од никаде не стигна глас за него и Јанческите одбија, како што ги советуваа некои и како што носи редот Христијански, да му ископаат гроб и да закопаат во гробот нешто што беше негово, колку да се знае дека постоел на земјава и дека останало нешто по него, и згора на тоа во истото тоа време се случи да купат од Салиовци првин нива во Чекутки, а набрзо потоа и ливада и корија во Трн Дабје, на многумина им стана чудно од каде нив толку пари за да купуваат земја и им даде за право да си помислат и да почнат да зборуваат дека Јанчевци точна знаат оти Боше е жив и оти точно знаат кај се најдува, само, зашто така им одговара, кријат.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)