темен (прид.) - агол (имн.)

Додека зборуваше очите ги пикаше во темниот агол на одајката, набрзина ги прошета по лицата на сите, а потоа ги врза за темницата чиниш аголот и темницата во него се некое огледало во кое гледа некои други, дамнешни лица, а не овие што се сега пред него.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Таа вечер, се сеќавам, долго време плачев во темниот агол од нашата соба.
„Маслинови гранчиња“ од Глигор Поповски (1999)
Амам: промена на смислата Не кога ќе влезеш и кога ќе те заплисне врел и непроѕирен воздух не кога ќе те поклопат капките разлеани по ѕидовите реата, мермерот, мрморењето не кога ќе те обземе вртоглавица зашеметеност од празнината на амамот, полна пот, плот и пареа не кога ќе те погоди како отсјај во сон светлината подадена низ розетата дозирано, од високо не додека студеното сонце-иње од карши ги облагородува дрвјата, релјефите, порталите, фасадите на сараите туку кога ќе потонеш гола во гротлото ко крвава рожба во исцедокот од водолијата тукушто прсната, за да може да се слизне низ пенџерето на животот (на)право во царството на немилосрдноста кога збунетото тело ќе помисли дека секое друго место е подобро ама ќе остане и понатаму - таму без да се помести кога ќе ја осетиш жешката вода како оддалечување од секојдневието, од агонијата на распадот (целото е мислена именка, далечно минато) кога ќе се престориш течен заборав божји благослов и ќе му се предадеш на телото мислејќи си ѝ се предал на психата егзотичното прелевање на смислата сѐ додека не се претвориш во прелив како таков кога ќе се испреплетат значењата едни со други и ќе се испретурат во кошницата на светогледот а ти ќе тргнеш во потрага по почетокот кога ќе сфатиш - Бизант е капија во темните агли на памтењето цела епоха е втисната како анатолиска крпенка во обичните зборови од твојот мајчин јазик во интимата на јазикот и се спровира низ капијата кон одаите и спалните дома кајшто по извесно време по извесна стварност потеклото се заташкува сродството се изобличува јазикот има свои потреби како и телото сфаќаш и тонеш во без-сознание зад јазикот, отаде нека почека ако те чека ... Истанбул, декември 2003
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Во еден темен агол, неколку натрапници се спремни да малтретираат една манекенка: „Ма не кенкај! “ - наредуваат.
„МАРГИНА бр. 19-20“ (1995)
Кога дрвото покрај кое случајно минувате со задоволство ја претрпува болката од впишувањето на две имиња врз неговата кора со нож; кога истовремената појава на дожд од небото и солзи на вашето лице не може да се нарече случајност; кога светулка се дави во вирче, прета со наводенети крилца борејќи се за живот и притоа не заборава да ве награди со светлина; кога не знаете зошто одот одеднаш ви станува куц; кога не сте пијани, а од некои темни агли на едвај осветлената улица слушате тивко завивање и цивкање на куче; кога не знаете како сте станале дел од таква ноќ... сѐ што ви преостанува е да се гризете од бол и зачуденост.
„Азбука и залутани записи“ од Иван Шопов (2010)
Бојан го распрета, па појде во темниот агол на одајчето, каде што во едно мало каче стоеше наложена, солена сланина.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)