Ги запреа коњите разгледувајќи го одблизу манастирот, восхитени од неговата убавина, кој извишен на карпата над езерото и опкружен со зеленило, се чинеше како да лебди над водата во дланки господови; езерото под него поигрува, одблеснува на сонцето и полека ја заплуснува карпата; лево од манастирот под падината на планината, клокотат огромни извори и исфрлаат изобилство вода која плавно, широко се разлева правејќи езерце што го обградува пошуменото островце пред да го пресече патот под мостот и да влезе во езерото со бучеж; на дното од мирната вода во езерото се прелеваат разнобојни алги фаќајќи ја светлината од сонцето што низ бистрата вода продира до нив; на островцето столетните дрвја ги раскририле гранките спуштени до самата вода во која фрлаат зелени отсјаји; по водата пливаат патки и лебеди, кои вознемирени од тропотот на коњите, се оддалечуваат повнатре во езерото оставајќи долги, меки бразди зад себе; на ледината крај изворите пладнуваат купчиња овци како бели, отворени цветови.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
Се воодушевуваа од прекрасната природа, од прекрасните предели, шуми, рудини, извори, поточиња, столетни дрвја, разнобојни и мирисливи цвеќиња и билки.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
9 Мотив: црквата и гробиштата: Оддалеку најпрвин се забележуваат крошните на столетните дрвја припиени една во друга, грабејќи го лакомо просторот полн сончевина и отворен кон езерото до кај што окото гледа; црковната ограда е ниска и тие ја наткрилуваат, се префрлуваат преку неа со своите крошни, ги пробесуваат и ги спуштаат како зелени водопади; кога ветерот ќе го разниша зеленилото, се покажува камбанаријата и црквата издупчени од гранати; при секое удирање на камбаната, малтерот се лупи и паѓа како кожа од рани; на влезот од црквата сѐ уште стои на ѕидот св. Ѓорѓија качен на коњ и со копјето ја држи змијата прикована за земјата; наместа малтерот е паднат, та змијата е излупена во опашката, но јазикот ѝ е црвен, свеж и заканувачки издаден; гробиштата околу црквата се расфрлани без ред.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)