свој (прид.) - вечен (прид.)

Времето, со своите вечни заби , го гризело и го ронело Калето...
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Некаде каде што ќе можам да си го снимам својот вечен, непрестаен, доживотно краток филм.
„Зошто мене ваков џигер“ од Јовица Ивановски (1994)
Во тој свој вечен дом јас ја носев неа и ве носев сите вас, оти залудни се сите тврдини на овој свет и сите палати што ги градиме ако во нив се криеме од светот и од Бога наместо да ги полниме со оние што ги сакаме“.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
Затоа тој сега тивко се приближуваше до едно чамово стебло, што стоеше на дваесетина чекори лево од дирата, в очи на оние лески и стеблото му беше сѐ поблиску, сето црно и со својот вечен ореол од густа миризба на смола, не смирена ни под тој висок снег, натрупан над неговите виснати гранки, со дебели, крстатни чикери иглички.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
А зар пак да е тука некаде ќе ги оставеше сами да го испратат старецот во својот вечен дом, не ќе ја донесеше својата гола глава, не ќе пуштеше две три солзи од прозорците на својот живот, не ќе кажеше неколку лафа, не ќе го охрабреше дедо Костадина гласно и јавно дека нема да биде заборавен во рамната земја, а не како неа сето тоа молчејќи да му го кажува?
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Си го знае својот вечен пат... Така и ние.
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Чанга претпоставуваше дека многубројните пештери во утробата на Калето ги длабела реката со своите вечни, незадржливи поплави.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Оттогаш ја добива целосно својата смисла симболиката на водата, со едно езеро синоним на чистотата, појавено многу време пред човекот, со својата разбранувана вода која, откако ќе го напушти својот вечен резервоар, не знае граници.
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
Но откако Мајка остана сама во Татковата библиотека, без да може да го споделува верувањето, таа ги очекуваше овие ретки миго­ви, со нас, децата, да ги коментира своите верски сознанија, верувајќи дека, и овој пат, е на својот вечен браник за да ги спасува нашите животи.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Дом е метафора со бескрајно голем потенцијал: Во некои религии се употребува за смрт („човекот заминува во својот вечен дом“); кај Тукидид за вечната слава по смртта („дом во мислите на луѓето“).
„МАРГИНА бр. 29-31“ (1996)