РАСКИНЕ - „Ти раскинувам!“, му рекла госпожа Сара на господин Рацин, додека овој мирно си читал некоја драма од Расин. „Раскол, значи?“, рекол Рацин, џиткајќи го Расин. „Расклатена сум...“, рекла емотивната Сара. „Раскомоти се, Сара, дојди да те раскопчам!“, рекол Рацин. „Срцето ми е раскрвавено...“, рекла Сара. „Раскрсти, драга моја, со оваа расквасеност и раскрили ги портите на својата раскош! “, рекол поетски Рацин. Така Рацин успеал да ја расколеба Сара.
„МАРГИНА бр. 19-20“
(1995)
Одеше по тој нејзин мирис како дивеч по женка и уживаше во нејзиното бело, како млеко тело, кое многу години не видело сонце и кое сега, ослободувајќи се од панталоните и кучешкото елече на себе, го откриваше сиот свој раскош.
„Животраг“
од Јован Стрезовски
(1995)
На нејзината белина светот полетува во некоја своја сонувана залебденост, блескоти со својот раскош, како невеста во своите срми и во своите чипки, понесен од онаа тивка, полна мелодија на месечината, замечтаен во оние длабоки, сини катчиња на сенките.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Петвековната турска империја целиот свој раскош го собрала во овие сараи и, можеби, ретки се други места што кријат толку големи богатства и скапоцености.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Во сета своја раскош, околу кутрото девојче од небото и од земјата се натпреваруваат студените блесоци на ѕвездите и снегот.
„МАРГИНА бр. 6-7“
(1994)