Таа, на магичен начин, ја поврзува реалистичката постапка на Јован Бошковски, авторот на првата збирка раскази на македонски јазик, со некаков си урбан „фантастичен реализам” на Веспа Демонска, на пример; или, Урошевиќевата постапка на „онеобичување” со гротескната слика на градот на Ермис Лафазановски; или, налудничавото Скопје потонато во православна хистерија од Самураи на Славко Јаневски со новиот сензибилитет и урбаниот пејзаж на Буде; или, лирски снажното стареење и изумирање на нештата од расказот на Димитар Солев со осаменичкото, отуѓено и невротично „живуркање” на студентот од Ѓон на Драги Михајловски; или, Чаршијата од предземјотресно Скопје на Данило Коцевски со денешниот Битпазар од расказите на Јадранка Владова; или, фактографското отсликување на личните спомени врзани за скопското предградие на Ташко Георгиевски со александриската или „борхесовската” постапка на ерудиција која ја негува Венко Андоновски...
„МАРГИНА бр. 34“
(1996)
Од неговиот збиен коментар проговорува специфичната еснафска солидарност: макар што не ги одобрува, тој настојува да ги разбере оние литерарни проповедници на епскиот дискурс кои, како залутан пустиник, ја преспале симболичката бура, па безнадежно се обидуваат да ја воскреснат оддуваната референцијалност.
„МАРГИНА бр. 4-5“
(1994)