Сѐ додека дома, еднаш сред бел ден, кога се подена тоа прашање, татко му, предвоен доктор, не си ги избриша мустаќите од неделниот ручек и авторитетно заклучи, како само од себе да се подразбира, но и без приговор: - Се разбира, медицина.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Како од пушка исфрлено, уште првата година, додека предвоениот доктор се подготвуваше за заслужено пензионирање, во едната и едниствена соба, отстапена на новата брачна двојка, квекна првата рожба на нивната осведочена љубов.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Потоа настаните почнаа да се одвиваат како на грамофон со труба, на напуканата плоча ставена на погрешна брзина: предвоениот доктор заедно со својата животна придружничка реши пензионерските денови да ги заврши во родното место, кое сметаше дека најпосле заслужило славниот сограѓанин да ги остави своите коски на прадедовските гробишта штотуку здобиени со нова реформистичка управа; младата мајка се уштутка во одеднаш испразнетата куќа, со доенче во едната, а скрипти во другата рака, не знаејќи дали попрво да готви ручек или да пере пелени, па најпосле најми дадилка и се префли на фармација.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Можеби предвоениот доктор во извесна смисла имаше и право: ако не си признаваше во себе дека тоа му е еден вид одмазда што го послушал да студира медицина, на Миха психијатријата сепак му беше на некој начин бегство од неа (небаре зазор од ѕвекот на коските кај анимираниот костур) или барем дистанцирање од нејзините основни и директни дисциплини.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)