Миграции
Наведнати за да ја допреме
со рацете, со очите, со думата
тонеме во безсознание
сѐ додека не се привикнеме на агонијата
лепливо индиго на амнезијата
нечитлив препис
акутна миоптија
мултиплицирани глетки
сѐ додека не почнеме да наѕираме
тихи обриси
да насетуваме смисла
а таа, пес бездомник
куче скитник
шуткана натаму-наваму
зависно од традицијата
од стомакот во гушата, во душникот
аурата, срцето
долж стопалата
по врвовите на прстите,
ко подноктица
сателитска антена
inter-link, inter-face
нешто невидливо нечујно
светликаво мрачно
мазно бодликаво
нешто кое држи до себе и до слободата
за да може да влегува и да излегува
кога ќе посака, да лунѕа
севезден
ни таму-ни ваму
разбиена идеално
дома, не-дома
таа, а не-таа
своја, а не-своја
секогаш кога ќе се разместат фигурите
ќе се затнат вентилите
огништето се згаснува
наидува поларен студ
- 51° Целзиусов
пука филмот
прскаат шавовите
напукнуваат ѕидовите
се прецртуваат границите
се митари митот!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)