И сега гледав во оваа Амалија која немаше ништо заедничко со онаа Амалија, немоќта на оваа жена која умираше ме потсетуваше на мојата некогашна немоќ, а јас не сакав, или не можев, во себе да го разбудам ѕверството кое во себе некогаш го имаше таа и со кое ме тераше да тонам сѐ подлабоко и подлабоко, ѕверството со кое – ако го разбудев во себе - навистина ќе бев нејзина ќерка не само по крв, ѕверството кое требаше да ја натера да страда заради сопственото ѕверство, моето ѕверство кое требаше да ужива во нејзиното очајно каење.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“
од Гоце Смилевски
(2010)
И се сетив на ноќите на очај од мојата младост, од она време кога мајка со крвничко уживање тураше сол на отворената рана на мојата душа, се сетив дека во тие ноќи копнеев по оваа ноќ, по нејзината последна ноќ – тогаш, десетина иљади ноќи пред оваа ноќ, посакував одмазда, и единствената одмазда можеше да биде во мигот на нејзината најголема немоќ, во нејзината немоќ пред смртта, да ја потсетам на мојата немоќ, на нејзиното ѕверство во моето страдање.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“
од Гоце Смилевски
(2010)