Се чинеше дека небото, како што беше ведро и извишено, одненадеж се распукна, падна на земјата и се пачоса, дека птиците ги спуштија крилјата и се притаија во седелките, дека сè стивна и се заплати, дри и жегавиците, а луѓето во полето, жетварите, ги исправија снагите, ги префрлија срповите преку рамо и стаписани ги слушаа Атанас - толку што беше неочекувано, и жалоито, речиси нестварно, неговото лелекање и редење.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Го редеше Атанас сиот сој Дамчески, од кој, откако се знае во Потковицата за Дамческите, толкумина паднаа за жална Македонија; го редеше Атанас татка си свој, Ѓорета Дамчески, кој, одејќи по патиштата на дедовците и стриковците, и по патиштата на татка си Блажета Дамчески, уште, од младешки години окапа по затвори, за истата таа Македонија, а таа, кога се ослободи и кога тој им беше најпотребен на децата, на жената и на имотот, го затвори; ја редеше Атанас мајка си Илинка Дамческа, на која, при жив маж, ѝ помина животот како на вдовица, во црнина, ги редеше Атанас браќата свои, кои при жив татко беа небаре сираци, потурнати, а кога зеде да ги реди сестрите, Милица и Милјана, е, тогаш - на сите кои го слушаа им препукнаа срцата.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)