Шетајќи по панаѓурите низ Мариовските села, уште во првата година од женењето, на Спасовден, се запозна во Полчишта со Јована Мачникот и овој го прибра кај себе за да го научи на неговиот занает.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
На Рена уште порано ѝ се допаѓаше Јаков, кого често го гледаше, онака стасит, со широки рамена и убав лик, постојано завјасан низ сокаците на Ла Калежѐ, сиромашното битолско маало во кое живеа и двете семејства, така што предлогот на татко ѝ да се мажи за синот единец на Шабтај метларот, Рена го прими со искрено одобрување и покрај ниската класа на неговиот занает. Во брак беа веќе петта година.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)