Мажите рекоа Тпвуу, `бати животот и со голите петици ги нагнетија плуканиците во земјата, а жените и чупите, ги симнаа шамиите, ги распуштија косите и зедоа и тие да редат заедно со Атанаса, зашто тоа што се случи со чупите Ѓореви, со Милица и Милјана, е најжалосното нешто што може да му се случи на родител, на брат, на ближен.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Го редеше Атанас сиот сој Дамчески, од кој, откако се знае во Потковицата за Дамческите, толкумина паднаа за жална Македонија; го редеше Атанас татка си свој, Ѓорета Дамчески, кој, одејќи по патиштата на дедовците и стриковците, и по патиштата на татка си Блажета Дамчески, уште, од младешки години окапа по затвори, за истата таа Македонија, а таа, кога се ослободи и кога тој им беше најпотребен на децата, на жената и на имотот, го затвори; ја редеше Атанас мајка си Илинка Дамческа, на која, при жив маж, ѝ помина животот како на вдовица, во црнина, ги редеше Атанас браќата свои, кои при жив татко беа небаре сираци, потурнати, а кога зеде да ги реди сестрите, Милица и Милјана, е, тогаш - на сите кои го слушаа им препукнаа срцата.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Или, зарем ако немало ништо, ќе ме прегрнеше тогаш, во фискултурната сала, под разбојот (макар и од бес да ме прегрнала); зарем ќе се согласеше да стоиме така пред сите, пред целиот клас, два долги мига, бескрајни секунди, лице во лице (носевите речиси ни се допираа); и зарем ќе ѝ речеше на својата најдобра другарка (која беше, за среќа и моја другарка, и како што бидува обично во тие младешки години – беше поштар меѓу нас двајцата), зарем, значи ќе ѝ речеше дека песната од први клас сѐ уште ја чува, и дека не прочитала ништо поубаво до сега од таа песна, ама дека не може да се согласи дека девојката опишана во песната е таа, оти таа, Луција, е лоша, грда, недостојна за таа песна; и зарем ќе ѝ речеше на таа девојка дека ја загрижува тоа што од првиот ден во првиот клас веќе не сум ѝ напишал песна, и дека не знае зошто е тоа така?
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)