лесен (прид.) - како (прил.)

Балонот е лесен како пердувка, и штом Зоки само малку ќе дувне со устата, тој се извишува уште повисоко – сѐ до таванот!
„Зоки Поки“ од Оливера Николова (1963)
Кога се враќаше дома навечер од корзо, Баге прво ќе свратеше кај него и ќе го кренеше на раце како рулче - беше лесен како перце и сув како лешник.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Златко потрча преку ливадата. Се чувствуваше лесен како пеперуга.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Првиот пролетен ден, слободни за неколку часа од интернатска суровост, тие го користат, фатени еден за друг со раце се кикотат вака, без некоја смисла, само за тоа дека им е добро а нешто во нив шири крилја, и сите лесни како птици летаат во просторот од вода, сонце и ситен влажен песок.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
- Ни се сосаа цигарите - рече Огнен, - а ти си лесен како пиле, ако сакаш отрчај в село и купи ни две пакетчиња.
„Волшебното самарче“ од Ванчо Николески (1967)
Да научиме да гледаме, слушаме, мирисаме, да ги вкусиме најмиризливите зачини на животот, да бидеме шармантни, харизматични, лесни како воздухот.
„Жонглирање со животот во слободен пад“ од Сара Трајковска (2012)
Да изградиме куќи од песок но дом од најцврсти темели, столбови на разбирањето, почитта, љубовта, вредностите на вистината. Тоа би било нашето највредно наследство.
„Жонглирање со животот во слободен пад“ од Сара Трајковска (2012)