Во тој пекол најпосле го видов сиот наш несреќен живот, војната, темните војски, познатите и непознатите мртви по полињата, по патиштата, по војничките камиони, покриени со шаторско крило, мислевме дека спијат, будали дечишта што крадевме бомби по војничките камиони; потоа пред очи ти е домот, тажната смрт на ѕвонарот, добрата мајка Верна Јаковлеска, стрикото Лентеноски, неколкуте ошумоглавени бегалци, татенцето, неговата црна судбина, другарката Оливера Срезоска, старо, несреќно девојче, нашите кутри учители и воспитувачи, Трифун Трифуноски, неговата болна, темна душа, благородна, светла, о, се колнам, тоа беше патот што водеше кон Сентерлевиот рид.
„Големата вода“
од Живко Чинго
(1984)