Ќе ја земеше авланката за вино и ќе прашаше: „Од кое да наточам: од „јагнешкото”, од „арсланешкото” или од „свињешкото”? и ја кажуваше приказната за дедо Ное, кој, кога ја засадувал првата лоза, некои прачки ги залеал со јагнешка крв и благословил: тој што ќе пие вино од овие прачки, да пие по малку и да биде кроток како јагне; другите прачки ги полеал со арсланечка крв и благословил: тој што ќе пие од овие прачки, да пие троа повеќе и да биде силен како арслан; третите ги залеал со свинска крв и благословил: тој што ќе пие од овие прачки да лока како свиња и насита да нема...“
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Во првите денови некои од кучињата го гледаа душмански, непријателски како да им е тој виновен што се затворени овде, терајќи инает и 'ржејќи на него секогаш кога ќе го видеа каде што им носи храна или им го чисти изметот со лопатата или ги носи под тушот или во кадата на бањање, при што Богдан трепереше од страв да не го каснат; имаше и такви што беа кротки како јагниња, кои му се умилкуваа и го лижеа по рацете или му легнуваа да ги погали со раката, да си поиграат со него.
„Животраг“
од Јован Стрезовски
(1995)