Тој го виде во својата фантазија тој негибнат крај Мариово. My излегоа пред очи богатите села и селани домаќини, кои имаат полни ќесиња пари, булуци овци, сурии говеда, ергелиња коњи и наеднаш си претстави како сето тоа по пет-шест дена ќе биде негово и тој ќе стане најбогат човек не само во прилепската нахија, ами и во целиот битолски санџак, бидејќи целото тоа богатство ќе им го земе на селаните и нив ќе ги подјари да работат за него, да му робуваат.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
И реакцијата на моите сестри можам само да ја претпоставам оти тие доаѓаа од богатата рамница и од богатото село и од убавата куќа во улицата Лазо Колишевски број 10 во која се спиеше во чисто варосани и големи одаи на дрвени кревети, а знаеја и тоа дека таму имав кревет во кој сам сум спиел и една одајка од неколку квадрати со рустикална маса над која сум ги правел првите белешки од мојот Дневник, а и некои експерименти од физика и хемија.
„Исчезнување“
од Ташко Георгиевски
(1998)