Никола спомена болест што доаѓа кога човек ќе се најде под игли на темнолилав дожд среде планина, нешто што е и мраз на коските и срам на слабост во месото, но јас, како да не сфаќав за кого се говори, не прашав какво име има таа болест и која света трева ја извлекува со пот од болниот, ти велам: бев само сам, самјак, осаменик, се грчев под тежина и се сеќавав на жената што ме најаде или се обиде да го стори тоа пред да ѝ го видам грбот во отворената врата на собата во која се влегуваше преку чардак.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)