Потоа стариот рабин ја гледа заветната арка на Мојсеј со таблиците со десетте заповеди во неа, светата кутија конструирана со две рала држачи за носење, означена со двата херувима свртени еден кон друг, на кои крилјата им се допираат над главите, направена од најдобрите мајстори според прецизен диктат од небото што до денешен ден стои запишан во Светата книга.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)
Мажите, што го носеа мртовецот, се менуваа постојано, а тој, Змејко, со торбичката со читанката и со таблицата преку рамо ги притискаше со раката кондилите и моливите да не тропкаат внатре и мислеше на тагата, мислеше на жалоста, ја носеше врзана во еден цврст јазел во грлото, го раскинуваше и него и му го сопенаше здивот, но мислеше како ли расчешнува таа кога оној, што го носат мажите, е твојот татко, да е скраја и далеку.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)