пред (предл.) - влез (имн.)

Кој знае што понатаму се случи на покривот, и со коњите и со покривот, но овде во дворот, пред влезот во мојата куќа се најдовме лице в лице со времето.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Кога вчеравечер влегов во дуќанот, со иштав да купам пиперки, иако малку подовенати, што беше ги донел Чане, газдата, ставени во гајба, исправена пред влезот, во полната просторија го слушнав зборот „арондација“, токму Владе им го објаснуваше. И уште „продажба на странци“, „процент“ и „пратеник“.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Разгледувајќи го Домот на инвалидите се најдов пред влезот на големата црква „Сен Луис“, која е составен дел на Домот.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Ако не верувате, немоќно додава човекот со бале преку рамо и дволитарско шише од цоца-цола лигхт во другата рака, прочепкајте низ животот ене на оној онде, Чарли Чаплин, видете колку му е тажна насмевката на постерот пред влезот на кафулето, во таа насмевка се стуткани сите наши мечти што никако да узреат уште од пред да го гледаме Големиот диктатор.
„Ситночекорка“ од Ристо Лазаров (2012)
Така, секоја приквечерина, откако ќе си починеше дома по скитањето в град, тој го преполуваше пагурчето - седнат на мало столче под стреата пред влезот и загледан во градбите што растеа како тополи околу нив.
„МАРГИНА бр. 34“ (1996)
Нејзините очи беа влажни... премиера Завршена беше и последната точка кога се појави тој на широкото скалило пред влезот од полуосветлената сала.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Пред влезот на секое гратче се наоѓаше неизбежната бензинска станица, со црвени, сини или жолти пумпи, а можеби и мотел, а потоа доаѓаше самото гратче, со продавници на двете страни од патот, а можеби и сива стара црква изградена многу одамна, и по неа следува, сега анахронично бочно припиени со челик што не ’ргосува, ресторан и продавница за автоделови.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Така пишува и на голематата сообраќајна табла пред влезот во градот кој прво изненадува со големата црква и веднаш потоа со прекрасно уредениот нов плоштад кој на градот му додава дополнителна убавина и привлекува со својата одлично обмислена поставеност.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Пред влезот во селото, лево од патот забележавме парче штица закована на дабово стебло и натпис: “Σπηλια Ζαχιαριαδης”.5 До пештерата пругоре по стрмнината води тесна патека и пред влезот во широкото плато распослано под сенките на нискостеблестите дабови, свртува лево.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
До пред влезот во Европа, ние бевме со прстот в уста. Голема сиромаштија. Сега примаме и гости, значи туристи.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Стигнавме до големата современа бензиска пумпа лоцирана пред влезот на пристаништето.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Пред влезот во селото, лево, над патот стара православна црква, градена со делкан камен, половината в земја.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Еден теоретичар дури ги споредува со луѓето кои стојат пред влезот на некој си супер маркет и усно или преку подадени флаери ги известува потрошувачите кон кои продукти треба да го насочат своето внимание.
„Календар за годините што поминале“ од Трајче Кацаров (2012)
Брановите на рекичката се скротиле пред влезот на Националниот театар „Иван Вазов“ во Софија.
„Календар за годините што поминале“ од Трајче Кацаров (2012)
Парадата на раскошната тоалета започна уште пред влезот на хотелот. Довчерашните девојчиња зрачеа со божествена убавина.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Јана остана да чека пред влезот. Чекањето се оддолжи. Минутите се претвораа во часови.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Стоеше така долго кучето пред влезот и не одеше повнатре да ја нападне ами сакаше со долго чекање и заканување да ја измачува, да ја застрашува и повремено доближувајќи ѝ се да ѝ го пукне здивот.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
На широчинката пред влезот стојат Вангел и Петре и гледаат нагоре. Крај нив застанува и Чана.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Колата запира пред влезот на гробиштата, а од тука нагоре го носат Танаско, Друже Србине и двајца од наставниците.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Тук там по некој човек што се врти по долгата колона, дечиња од пред влезовите истрчуваа на кај колоната, молчејќи да ја следат, за на крајот, кога Геле ќе стигне пред една недоправена куќа со две црни дупки наместо влезови а со исто такви црнини на првиот и вториот кат, да прераснат во цела сурија.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Пред влезот стоеше стража. Меѓу стражата беше и Огнен.
„Волшебното самарче“ од Ванчо Николески (1967)
Онаа убавица, која само поради својата умешност успеа од сервирка во бифето да дотурка дури до претсобјето со огромно биро пред влезот на директорот.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Бонтонот, со сите извиненија и пардони кај нас се остава пред влезот на болницата! Кратко и јасно!
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Кога застанаа пред влезот на куќата во која живееше баба му, Илчо, иако премрзнат, направи неколку топки од снегот и смеејќи се гласно ги фрли на татко си.
„Раскази за деца“ од Драгица Најческа (1979)
Изненадени пред влезот на Стоби: Порта Хераклеа Западни гробишта подземните животни вознемирени птиците бегаат злокобна фуга Градскиот саат објавува идна реставрација конзервација културно богатство сувенири Прашање: Зошто статуите се тажни и ранети а улиците и базиликите празни и пусти како мене?
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Се строиме пред вратата, а редицата не личи на ништо: Васе свирка и потскокнува на една нога, Танас со парче огледало им ги засенува очите на девојчињата, Стојче со стапче им ги вади капите на оние што се пред него, Калчо седи на прагот пред влезот, рошка низ торбето, па се чуди како божем нешто да заборавил.
„Прва љубов“ од Јован Стрезовски (1992)
Откако ќе го видеше во дупчето, си замислуваше тој, сигурно истрчуваше да го посматра и низ прозорецот, па застануваше пред влезот и правеше гимнастика на општото задоволство на останатите соседи.
„Чкртки“ од Румена Бужаровска (2007)
Јас спиев! - рече Французинката подавајќи ја својата бушава глава.
„Чкртки“ од Румена Бужаровска (2007)
Влатко информираше: „Постарите жители на населбата, на пример баба Анѓа, велат дека имаат поднесено барање за дислокација на овој автобуски терминал што се наоѓа пред влезот на нашето училиште. И сѐ уште ништо!
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
Најнакрај самата одлучи: „Јас ќе ја нацртам нашата зграда и пред влезот многу жолти џунџулиња!“
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
Пред влезот на зградата три девојчиња играа ластик; не ги погледна туку само го слушна рипкањето и се упати вдесно, за да го скуси патот кон продавницата.
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
По радио јавија дека пожарот на Вардариште успешно е локализиран“ рече една од трите баби кои излегоа да си поседат пред влезот и да си помуабетат - небаре се седнати пред порти во некој далечен сокак од нивната младост.
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
„Мамо сарделите и бегониите убаво ти презимиле, веќе имаат пупки“, гледаше мама Злата пред влезот во куќата.
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
Го мразев и вирчето пред влезот на мојата зграда; и бабичката што проси пред него; и неа ја мразев, иако понекогаш ѝ фрлав паричка.
„Азбука и залутани записи“ од Иван Шопов (2010)
- Аууу, - си реков, - овој не се шегува! Седнав на скалите пред влезот од зградата и уште не се бев созел, кога еве ти ја Величе, излегува надвор со брат ѝ Мишко.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
Грижите не ѝ дозволуваа да ја замајуват споредни мисли, снегот беше и тука пред влезот до колена, а дрвата добиени преку социјални грижи што останаа зад баба Петра беа крај оградата на фабриката, до самата куќичка на Мурџо.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
И тоа само во оние мигови кога се појавуваше пред влезот на зградата, вјасајќи да сврши некоја обврска за малечката, а најчесто за внуците на баба Петра и дедо Костадин.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Често пати не го ни дочекуваа Дончо, со вревата во ушите од другите Егејци исто така наседнати пред влезовите на дрвени столчиња, бегаа внатре и се предаваа на заморот и сонот.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Уште од летоска Пелагија ја гмечи уличкава,излегува и на Ѓуро Ѓоновиќ, па отаде, по сокачињана, се загледува во градините, во жените седнати пред влезовите, по негде влегува и стигнува до нив со надеж дека некоја ќе ѝ врати како во нивната скромна куќарка има место и за нив тројцата.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Дуќанџиите му велеа дека лете е уште поубаво, секој дуќан си има и цвеќе пред влезот, тоа треба да се види, тоа.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Пред влезот стоеше едно такси, постара кола во зелено-бела боја, а најинтересното беше што на возачкото седиште седеше жена.
„Знаеш ли да љубиш“ од Ивана Иванова Канго (2013)