Кога ќе одеше во вторниците во градот, Сандри како по навик, меѓу многуте скопски касапници, ќе ја одбереше касапницата на Илми за да намине кај него, а тој ќе се растрчаше да му даде триножник, нарачувајќи му на чиракот да донесе од чаршискиот кафеџија две густи, засладени кафиња.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
По навик што сѐ повеќе губеше смисла или по инерција што сѐ повеќе губеше сила, уште ја ставаше искапаната врска околу вратот како износен и широк огламник, при сѐ што од вратот му беа останале само брчки од кожата и безгласниот грклан; а косата на главата му опадна пред да побели - па во очите на ненаситните колеги сѐ повеќе прилегаше на белоглав орел со одрана шија, кој уште со ноктите се држи на карпата чекајќи да се срони заедно со неа.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)