Од долги проучувања и набљудувања, веќе имаше и свои заклучоци: ако ѕвездите од северната страна започнуваат како престоени цветови да венат губејќи ја бојата и сјајот, претскажува дека ќе фатат големи болести по луѓето: улери, дамли, трески, тифуси, офтики, чуми, бисерки, приштови, заушки; по ајваните: шапови, бутури, метили, лигавки, сараџи, красти, струпци; по кокошките: слепило, вртиум; по кучињата: беснило; по полето: каклици, жудилки, глутници, спарини, мемли, скувалки, пепелаш; по дрвјата: пајажини, гнилачки, имела, трат.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
А научив и по тоа што на тој ден дома беше вистинска збркотница: уште во рани зори стануваше мајка ми, нѐ будеше сестра ми, мене, дедо ми и почнуваше она што севезден го проколнував: ги тресевме постелите, ја менуваме сламата од сламарниците, се пентаревме на столови и со метла мавтавме по ќошињата кинејќи ја пајажината, роневме пченка и толчевме исушени пиперки, ги вадевме добичињата да се топлат на сонце во дворот, трчавме по кокошките за да ја фатиме онаа што носеше јајца во туѓа плевна и на која дедо ми уште одвечер ќе ѝ донесеше пресуда зборувајќи дека такви лиоти не би требало да се држат дома.
„Дружината Братско стебло“
од Јован Стрезовски
(1967)