Расфрлени од ветар и од претчувства дека ќе се случи нешто големо и незаборавно, нешто што ќе е важен дел во историјата на животот и на светот, на небото плачеа жерави.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
И кога Борис Калпак се обиде да се урне со сиот бес што го собирал во грлото, во крвта, во срцето, на предолгиот пат од Кукулино до оваа куќа во која се загнезди нашата коба, во која таа коба стана несреќа на недолжни луѓе, навистина кога Борис Калпак ги крена рацете кон очите на бегот, во истиот миг кога старчето водено од претчувство се склопчи во огништето, еден од слугите ја подаде раката продолжена со црна кубура.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
„Тој прстен, тој прстен, крмнаку нечист“, веќе со турски зборови повторуваше бегот со приковани очи за зелениот камен на Калпаковиот прст. „Го уби, ти го уби?“
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Кога брат ми на светот му го соопштувал ова свое сфаќање како апсолутна вистина, не се сетил на мојата болка од она попладне кога тој имаше тринаесет, а јас седум години, онаа болка и оној страв предизвикани од погледот на разликите на нашите тела, од помислата на раснењето и делењето со детството, од претчувството дека мојот живот и неговиот живот нема да продолжат заедно и ќе чекорат одвоено кон смртта; го заборавил тоа попладне и тагата и стравот што потекнаа од него и што како сенка паѓаа врз мене претворајќи се во некоја друга тага, во некој друг страв, влевајќи се во некои други таги и стравови.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“
од Гоце Смилевски
(2010)
Заборави; и на раснењето на сите девојчиња, на процесот што го нарекуваше „станување жена“, му додели само едно својство – зависта.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“
од Гоце Смилевски
(2010)