Не го познаваше човекот отаде жицата, а тој, позадинец, навикнат на крепко спиење далеку од фронтот, со врски до самоти врв и со клучот од лебот, месото, шеќерот, брашното и што ли не друго, дали сериозно ќе го разбере ако му се претстави само со името?
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)
Човек треба специјално да се вооружи со трпение, ако реши да купува било што - од леб, заленчук и овошје, па сѐ таму до најобични нешта во трговските магазини.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Застана до оградата, се огледа наоколу и брзо, брзо го олижа мармаладот од лебот.
„Било едно дете“
од Глигор Поповски
(1959)
Ќе се вратите пеејќи за сончев ветер Што пустоши низ оваа древна мапа На која веќе се распознаваат Изгаснатите огништа околу кои седите, Велам ќе се вратите зашто јас тоа го читам од плодовите и од летните магли, јас тоа го слушам од лебот и од солта, јас тоа го гледам во очите на жетварките, јас тоа го прераскажувам гледајќи ве како му пеете на полноќното сонце.
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)
Тој скока во ровот и ми граби од лебот.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
Бошко заедно со Калија одеше на чомлек пазар по урда, и на балук пазар по сушена риба, се туркаше и во врвулицата пред фурна каде што целото маало носеше разни јадења за печење, од лебови до тави гурабии и татлии, ама заедно со чиракот од дуќанот на Марко, им носеше јадење и на Марко, и на самарџијата Димо, бидејќи мајка ѝ на Калија, како и свекрва ѝ, беа дамна починати, а таа прекриена чинија со цедило везден му ја грабаше на чиракот, и самиот, напрегнат, ја носеше истурена напред, како да носи цел товар леб и сирење, грав или јанија со јунешко која не смее да се плисне или, чувај боже, да се истури.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
За тоа време двајцата по него го настигнаа и тој им пресече од лебот и од сланината.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Во вагонот милосрдната сестра е сѐ: и лекар, и интендант и господ: дели по малку од водата, од лебот, од лековите; не остава да се моча по сламата, секому му подава кофа.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Баба ми беше гурман. Сакаше да проба сѐ.
„Ласа“
од Наташа Димитриевска Кривошеев
(2011)
- Ја најадов баба ти со попара од леб и вино, ми рече.
„Ласа“
од Наташа Димитриевска Кривошеев
(2011)
При влегувањето на младенците во брачната соба ѝ ги зимаат лебовите на Антица, како и свеќите на обајцата — Антица и Николаќија, ги забиваат во средината од лебовите и така ги оставаат на јашмакот од оџакот.
„Антица“
од Ристо Крле
(1940)
- На изгрејсонце сум се разбудила на еден зглавник со него, бабо, покриени со една јамболија... од една вода сме се измиле... во бела крпа од лебот и пиперна солца сум му врзала... и сум го испратила угоре сè до Самовилската ливада, до езерцата Пелистерски очи... по една темјанушка како нишан си подадовме - Ќе се вратам - ми рече - Ќе те чекам - му реков... и си замина отаде превалецот - како мама што си замина - накај Беласица...
„Молика пелистерска“
од Бистрица Миркуловска
(2014)
- Болеста доаѓа само од водата и од лебот, вели Лазор Ночески.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Повеќе да сркаат грав. А ако сркаат повеќе грав, пак ги удираш по рака: - Јадете и од лебот, ќе им велам, што сте се навртиле само на гравот, ќе им велам.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Којзнае дали се врати или само се приподигна од лебот, од водата, од алиштата.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
На мала цврста лединка прскаат жолти сонца под копитата на гладот Темни концентрични тежини бујат над пејсажот зрел што плаче со искри од леб Луд виор од млади надежи сонува шарени звуци – широка песна на ветрушка Огромни товари ден лазат по долгиот пат од солзи и од смев
„Дождови“
од Матеја Матевски
(1956)