од (предл.) - зора (имн.)

На патот секој ден работиме. Од зори излегуваш и цел божји ден не смееш да ја испуштиш казмата, лопатата.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Луѓето од Езерец уште од зори се приготвуваа да одат во манастирот, да му запалат свеќа на светецот, да му се помолат и да купат нешто на панаѓурот; во селото врвулица: излегуваа луѓето од куќите, се меткаа по дворовите, се собираа и тргнуваа; секој носеше по некој дар за манастирот: овца, коза, теле; тие што немаа добиток, плачки: кошула, риза, чорапи, бовча, шамија; рикаше добитокот по патот, луѓето се довикуваа, се причекуваа да одат заедно; помладите одеа пеш, а постарите и децата качени на коњи или магариња; некои одеа со чунови по езерото во кои имаа изнаредено плачки за спиење и храна - сето личеше на некоја преселба, збег.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Оние што се збиени, уште од зори си ги мешаат сенките, се надјавнуваат, се грабаат на просторот, се издолжуваат и се собираат како пијавици, како полипи, како чудовишта; сокаците: удриле кај им било мило; еден од нив, најширокиот, се припил до езерото, не се дели од него: кај врти езерото, и тој; кај ќе се намери на куќа, се тргнува настрана, се свиткува, се стеснува; кај се спушта брегот на езерото, и тој по него; колку што се проширува брегот на езерото во летно време - толку и тој.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Живеат места озарени од зори, железни остатоци во воздухот, соништа обликувани од чекан, папараци што нѐ препознаваат, мостови што се дават во реки, часовници навиени за горе во Книгата на смртта.
„Забранета книга“ од Веле Смилевски (2011)
И Скрче уште од зори шеташе од другата страна на брегот. И него го зајаде црвецот од она што го чу од Царјанка.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
XXIV Уште од рани зори луѓето во селото почнаа да ги буди лавежот на кучињата и некаков тропот; стануваа од постелата, ги лепеа очите на прозорците, излегуваа на чардаците и гледаа исплашено: колони војници врвеа низ селото; им светкаа шлемовите и оружјето на виделинката од зората; од сите сокаци се точкаа војници, а коњите што влечкаа тешко оружје, опрема, муниција и казани за јадење, врвеа по широкиот пат крај езерото; фрчеа коњите со носевите, збивтаа под теретот, чувствуваа жед и ги вртеа главите кон езерото што на утринското ветре шлапкаше бранчиња на брегот; од војниците избиваше пареа поднаведнати под тежината на ранците и оружјето; кучињата непрестајно лаеја и напињаа на синџирите да ги скинат; оние што беа пуштени, се втурнуваа кон војниците, но кога ќе добиеја клоца, ќе сквичеа, се тргаа настрана и продолжуваа да лаат.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)