Камилски почувствува дека разговорот оди видливо на негов терен, на подрачјето на кое се чувствуваше најинформиран, а беше во дослух со генезата на балканското јаничарство, па се надоврза на размислите на Татко: За да се ослободиме од духот на јаничаризмот на Балканот и за да ги спасиме идните генерации, посебно нашите деца, ние треба да ја разбереме неговата генеза, но затоа ќе ни бидат потребни многу време, многу книги.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Некаде наблизу треба да се вишнее вашингтонскиот обелиск, највисоката градба на американската метропола, симболот на моќта донесен и тука оддалеку, преку помпезниот дух на урбанистичките замисли на Л’Анфан, францускиот архитект и американски револуционер од 18 век, и на градителот на вашингтонскиот обелиск Роберт Милс што го подигнал во втората половина на 19 век – таа извишена тежишна точка на семоќта, пренесена од духот на најдревните градби на денес мртвите градови од фараонски Египет во Африка, преку Париз на ампирот, наполеонската грандиозност и помпезните аксиометриски поставени зданија до кои водат широките булевари.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)