низ (предл.) - нога (имн.)

Лукаво се провираше низ нозете на мостовите и режеше како гладен пес, безчувствена за светлите бакнежи на сијалиците.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Таа им бегаше, им се излизнуваше од раце, како вода им претечуваше низ прсти, им се спровираше низ нозе и им се кривеше.
„Сенката на Карамба Барамба“ од Славко Јаневски (1967)
Веќе сум меѓу многу народ. Во толпа која може да се разбранува така што ќе ме стегне, ќе ме исцрцори и ќе ми ги дроби коските земајќи ме низ нозе.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Чувствувајќи како дождот сѐ повеќе го натопува, се пренесе во времето кога ја погребуваа баба му Депа кога исто вака туриваше силен дожд, а тој одеше во погребната поворка фатен за раката од мајка му, дождот му плускаше по главата, по телото, му се лизгаше по кожата и му слегуваше низ нозете во опинците; погледнуваше повремено во баба му во ковчегот што го носеа луѓето на раце: и нејзиното лице дождот го миеше, се лизгаше по него како по восок и ги натопуваше цвеќињата и овошките во сандакот; лееше на попот и му ја гаснеше кадилницата со која штркаше по ковчегот и пееше за покој душа, лееше на луѓето што одеа со наведнати глави.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Кога месечината се пробила низ една пукнатина, сенката на Карамба-Барамба, се исправила полека и почнала да се лизга по ѕидот.
„Сенката на Карамба Барамба“ од Славко Јаневски (1967)
Премрев. Низ нозете и рацете ми се чинеше дека ми лазат илјадници студени мравки. Во главата ми бучеше.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)