Едни ги пикаа своите годиначиња во градите, а тригодишните под широките кошули и така клечеа врз нив како квачки врз пилиња; други ги криеја децата зад иконите; една го кладе детето во камарата каде што попот врши проскомидија; друга го бутна во мазгалката зад иконата на св. Илија, а сите зедоа в раце по една икона, натпреварувајќи се која да ја земе иконата на Ристоса, св. Богородица и света Петка, надевајќи се дека нивната сила е поголема од онаа на другите светци, та белким и ќе ги заштити барем децата.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
Зад иконата во собата, Висар наоѓаше црковни книги; читајќи ги, му стануваа сѐ поинтересни: соништата сега му беа исполнети со рајски убавини и чуда; тие книги сега не му даваа време да размислува за смртта, за стравот од Зенула; престана да размислува што ќе биде кога ќе му го забуца куршумот Зенула: како ќе изгледа тој бодеж: ќе личи ли на трн, на игла или на врв со нож; и кај може куршумот да го погоди: ако го погоди во нога - ништо, ако го погоди в рака - пак ништо; знае дека можат луѓето и без рака и без нога; но ако куршумот го погоди в глава, в срце, што навистина се случува тогаш со човека: како настапува смртта, како изгледа тој миг?
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)