до (предл.) - толку (прил.)

Православјето во Македонија сега до толку е искривоколчено што и не може да станува збор за една православна црква, – сега таму има 3 цркви, но не православни, а: грчка, бугарска и српска.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
И уште ни кажуваш дека сме ти прираснале за душата, дека си се приврзал за нас до толку што си бил решен, ако треба, и таа твоја бесмртна душа за нас да ја дадеш...
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
Ја гледам во очи и не ми е верно, знам и самата за своите деца да бидам бескрајно необјективна, ама до толку!
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Ги знаеш сите муабети, сите роднини и пријатели, неопходна си до толку што и прегорените светилки „машки“ им ги менуваш.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
До толку беше впечатлив што тетка златарка ми прати ишарет и со пантомимата, колку што сфатив, сакаше да ми каже: „Парче како спроти тебе, не го пропуштај“.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
- Парламентот? Таа збирка на уникатни полуписмени и корумпирани дибеци беше до толку глупава за да донесе нешто што се вика Резолуција за предавање на власта.
„Браќата на Александар“ од Константин Петровски (2013)
Постојат моменти кога човек извршува симболично самоубиство, уживајќи во сопственото исчезнување и понижување: тоа се моменти кога човек сака до толку да се понижи, што да падне сосема ниско, а да ги убеди другите дека таму доле, му е сосема добро и дека е задоволен.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Не можев да сфатам во што сум живеел, во каков кафез; не можев да сфатам дека таа лажна граница на космосот што ја поставаат системот, политиката, општеството, сведувајќи го целиот раскошен космос на три зони: секс, политика и економија, може до толку да ги затапи сетилата на човекот, та овој да престане да го гледа невидливото: подвигот, она зад онаа страна на нештата.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Срок толку и толку дена до толку и толку саатот.
„Парите се отепувачка“ од Ристо Крле (1938)
И во неделата пред да се пренесат пљачките на Пелагија во подареното одајче, речиси во последните сончеви есенски денови кога зајдисонцата просторот го претвораат во надреален пејсаж, таа го изложи својот живот пред неа без ништо да скрие, го разголи до толку многу што можеше да се чуе како пука голата кожа и шурнуваат безброј бразди крв. Ѝ кажа за силувањето во селото на денот на Богородица, дека едно војниче од мајка родено, не сакал да ја расипе, ама затоа пак добил куршум в чело.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Оттогаш, небаре суртук од сурутка, доктор Миха се измени до толку што не го препознаваа ни сестрите кога влегуваше и излегуваше од кабинетот, а не пак пациентите што токму него го беа одбрале да ги лекува.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)