Беше само еден миг, во кој беше сѐ загубено, наеднаш чиниш беше замрзнато, а Језекил можеше добро да го види она, што го имаше момчето во своите очи; беше еден толку кус миг, само колку тоа скочането момче да може да погледне во Језекила, но старецот можеше многу добро и во истиот миг да го препознае во тој поглед она, што го измачуваше самиот него целото тоа лето, и само додека зина да му свика на тоа момче, речиси со бела коса од сонцето, да ја пушти копанката, момчето се отпушти од талпата и потона надолу; провалијата меѓу ѕидот и скелињата просто го проголтна неговото тело и го понесе низ оној тесен процеп меѓу скелињата и ѕидовите, што се стрмоглавуваше сѐ до подножието на зданието, а по него и неговата полна копанка.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Марко се свртува и гледа: разградено е лозјето, по меѓата расте млечка и ниска капина, малку погоре се накрева камењарот до подножјето на суриот рид, а над ридот одвај се мрежи бледната синевина на небото, во која секаква појарка мисла избледува.
„Послание“
од Блаже Конески
(2008)