Оти: си влегол, татко, во одајата со записот проклет, но очите не си можел да ги одвоиш од буквата Ж, буквата девојка, што зографот-краснописец ја нарисал да биде со очи питоми, со раце и нозе раширени, спремна да го познае мажот свој; Оти: си видел жена, сподобие страсно во писмо, клопче отровно, со очи гулабови; со коса како стадо кози, кога слегуваат од Галадската гора; со заби – стадо истрижени овци, кога излегуваат од капење; Оти: вратот ѝ е како кулата Давидова, изградена за оружје: на неа висат илјадници штитови – сѐ штитови на јунаци; градите ѝ се како близначиња од млада срна, кои пасат меѓу кринови; Оти: твојот страстен поглед ѝ дал топлина на буквата-девојка, и таа оживеала, и скокнала од писмото-клопче, па паднала пред твоите нозе и почнала да ти ги бакнува стапалата; Оти, ти рекла: дојди мил мој, да излеземе во полето, да преноќеваме по селата; утре рано ќе појдеме во лозјата, да видиме дали потерала лозата, дали се отвориле пупките, процутеле ли калинките; таму ќе те опсипам со милувања; Оти: иако си му се заветувал на Бога по раѓањето на твојот единствен (сега ја разбирам смислата на нагласката на овој збор во говорот на Лествичникот пред логотетот!), син Лествичникот, си ѝ рекол: „О, колку се убави нозете твои во сандали, ќерко знаменита!
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Очите твои се гулабови под твојот превез; косата ти е стадо кози, кога слегуваат од Галафската гора; забите твои – како стадо истрижени овци, кога излегуваат од капење, од кои секоја има по две јагниња и јалова нема ниедна; усните твои – како алова панделка, а устата твоја слаткоречива, со јаготки на лицето како половинки од калинка; вратот ти е како кулата Давидова, изградена за оружје: на неа висат илјадници штитови – сѐ штитови на јунаци; градите ти се како близначиња од млада срна, кои пасат меѓу кринови; Таа: дојди мил мој, да излеземе во полето, да преноќеваме по селата; утре рано ќе појдеме во лозјата, да видиме дали потерала лозата, дали се отвориле пупките, процутеле ли калинките; таму ќе те опсипам со милувања; Тој: О, колку се убави нозете твои во сандали, ќерко знаменита!
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Мина преку терасата и околу оградата од грумушки трендафили, и тогаш нејзините стапала, обуени во сандали со ремчиња, нежно згазнаа на тврдиот, како килим, тревник помеѓу трендафилите и портокаловите кринови, кои со своите трубички беа отворени кон сонцето.
„Невестата на доселеникот“
од Стојан Христов
(2010)
„Мамо, и јас ќе појдам со вас, барем со училишниот двор“, замоли Влатко, ама одговор не можеше да добие, затоа што Мими беше многу возбудена и во мигот даваше отпор - нејќеше да ги обуе белите чорапчиња, лутејќи се дека е топло, дури жешко и може да се оди со боси стапала во сандали.
„Тополите на крајот од дедовата ливада“
од Бистрица Миркуловска
(2001)
И потем Фисот ме фати за коса, ѝ рече на Луција „Избриши го“, и таа потем долго ме бришеше со шамичето; гледав солзи во нејзините очи; тоа не беше онаа Луција од разбојот, којзнае дали некогаш воопшто и постоела таква Луција, си мислев; гледав пред себе жена во солзи, сподобие страсно во писмо што го преточив, во песни; жена со очи гулабови; со коса како стадо кози, кога слегуваат од Галадската гора; со заби – стадо истрижени овци, кога излегуваат од капење, од кои секоја има по две јагниња и јалова нема ниедна; со усни – алова панделка, со уста слаткоречива, со јаготки на лицето како половинки од калинка; вратот ѝ е како кулата Давидова, изградена за оружје: на неа висат илјадници штитови – сѐ штитови на јунаци; градите ѝ се како близначиња од млада срна, кои пасат меѓу кринови; еве ја, плаче пред мене и ми ги подава рацете, и вели: дојди мил мој, да излеземе во полето, да преноќеваме по селата; утре рано ќе појдеме во лозјата, да видиме дали потерала лозата, дали се отвориле пупките, процутеле ли калинките; таму ќе те опсипам со милувања; еве ја, стои пред мене и јас ѝ велам: О, колку се убави нозете твои во сандали, ќерко знаменита!
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)