Му рече ли лош збор - полош ќе ти врати; црната: ниту сака да те сретне, ниту сака да разговара со тебе; пред очите му е темно; сѐ на светот му е виновно; мудри се, знаат многу, со очи, со поглед можат да дознаат сѐ: кој си, што си, колку тежиш и што сакаш да речеш; во разговор со нив секогаш чувствуваш: меѓу тебе и нив голема далечина; не се напрегаат сѐ да чујат и разберат; на проклетството и на болот му робуваат; лилавата (јоргованлијата); постојано си потпевнуваат во себе или гласно: и во одење, и во работа и во кревет; во устата, на ушето или во малото џепче од палтото носат цветче - за салтанет; на секоја веселба први запoчнуваат да пеат; што било вчера, што било денеска, што ќе биде утре - не ги интересира; кога смируваат скарани, не сакаат многу муабети; на скараните ќе им речат: ајде чукнете се со чашките, оти главата ќе ви ја чукнеме; те фалат, те гушкаат, но сето тоа го прават без мерка; последни од кафеаната се прибираат дома; сивата: многу пребираат, џимрии во јадење, во купување, во облекување; надвор ако врне - продолжуваат по цел ден да спијат; од добиток не држат ништо, или сосем малку; за сѐ, па дури и нешто на милост да речат - колнат; клетвите им се помошни зборови со кои полесно се изразуваат; повеќето се тенкоусти, палени на збор, на јазик; кога е студено - мајката на господа му ја караат, кога е жешко - исто така; на гости, по свадби, од иста чаша или сафа не пијат; дома на прагот од куќата те пречекуваат држејќи ја вратата недоотворена; очите секогаш им се готови да те погледат напоречки, да те мунѕосаат; портокаловата: лични луѓе, секој сака од нивната куќа невеста да земе; кога врват девојките и невестите низ селото - како сонце да врви, сè пука на нив од здравотија, од личнотија; коњ аздисан скротуваат, пукнуваат; таа убавина, таа здрава јатка во нив ги држи до триесеттата година; по неа - одеднаш како зрел плод се што не може многу да држи, свенува, се олошува, се распаѓа; од никого лош збор не се слуша; благи и кротки и во очите и во лицето и во зборот; старичките чисто-пречисто се носат, мирисаат на мискинсапун, на калофер, но не доживуваат длабока старост; прават куќи понастрана од другите, истакнати, видливи; добиците им врват низ посебен влез за во кералот, не низ дворот да им го балегат и гнасат; кога крштеваат дете, врват низ селото како кралска процесија, како крал да се крунисува; ако седиш со нив, имаат моќ да те маѓепсаат, да те стават под влијание, да те владеат.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Понекогаш и во сонот му се причинуваше дека куќата гори, стануваше, излегуваше на чардакот, гледаше во дворот, шмркаше со носот и му се чинеше дека му иде миризба на чад, стрчнуваше по скалите во кералот кај добитокот, проверуваше, гледаше дека нема ништо, и пак се враќаше да спие, но не можеше да спие.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
Почнаа да викаат за помош, се разбудија соседите, дотрчаа, започнаа и тие да помогаат, да влечкаат садови со вода, да гаснат; се фрлаше вода на пламенот кој сѐ повеќе се ширеше и ги зафаќеше сувите плотици од чардакот и се качуваше нагоре кон одаите; коњот исплашен во кералот, напна на оглавот, го скина и излезе низ запалената врата бегајќи и 'ржејќи панично.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
Донесе Кољо и вино правено од своето лозје, со години чувано во кералот на куќата, во очекување на некој посебен ден, ден на слободата, или ден на свршувачката на Марија.
„Патот на јагулите“
од Луан Старова
(2000)