Каде ни се заборавените зборови
пред кои запиравме како пред можност
да се најде изгубеното
каде се зборовите дрочни со смрчки
зборовите што нѐ попрскуваа
со нектар и семе по крилцата и ципите
срамежливи и бесрамни
зборовите заради коишто
капаците би си ги склопиле
и би се префрлиле слободно
во другото тело како во свое
во своето како во туѓо
по архимедовиот закон
со озрачени души
да не останеме полуживи и сами вечно
и од јазикот да се откажеме
доброволно, како од љубовта
при сѐ што сакавме
да бидеме заедно
уште, огин-и-ништо
залудно!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Кутрите, уште не научиле дека минато се и сите скришни љубови, па да го постават клучното прашање за истрагата: навистина ли се само обично минато скришните љубови при толку живи бивши љубовници?
„Светилничар“
од Ристо Лазаров
(2013)