И потем Фисот ме фати за коса, ѝ рече на Луција „Избриши го“, и таа потем долго ме бришеше со шамичето; гледав солзи во нејзините очи; тоа не беше онаа Луција од разбојот, којзнае дали некогаш воопшто и постоела таква Луција, си мислев; гледав пред себе жена во солзи, сподобие страсно во писмо што го преточив, во песни; жена со очи гулабови; со коса како стадо кози, кога слегуваат од Галадската гора; со заби – стадо истрижени овци, кога излегуваат од капење, од кои секоја има по две јагниња и јалова нема ниедна; со усни – алова панделка, со уста слаткоречива, со јаготки на лицето како половинки од калинка; вратот ѝ е како кулата Давидова, изградена за оружје: на неа висат илјадници штитови – сѐ штитови на јунаци; градите ѝ се како близначиња од млада срна, кои пасат меѓу кринови; еве ја, плаче пред мене и ми ги подава рацете, и вели: дојди мил мој, да излеземе во полето, да преноќеваме по селата; утре рано ќе појдеме во лозјата, да видиме дали потерала лозата, дали се отвориле пупките, процутеле ли калинките; таму ќе те опсипам со милувања; еве ја, стои пред мене и јас ѝ велам: О, колку се убави нозете твои во сандали, ќерко знаменита!
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
На десетици ражни се печеа јагниња и орото и песната секнуваа дури по заодот на сонцето.
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)
За овцата, која беше изнемоштена, ослабена, Бојан смеша малку трици со сол и додека другите овци ги собираа грижливо остатоците од сеното во јаслите, тој го крена малото јагне и го пренесе во кошарата. Блеејќи, овцата одеше по него.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Јашмакот се колнеше во чеканот и калапите што го хранат; Милан куманџијата — во дувалото што го дува огнот за да се стопи среброто со кое ги посребрува павтите и скопците; Рампо чешларот — во биволските рогови од кои ги прави чешлите; Желче — во сите свои деца, макар да ја немаше уште видено мајка им; Даме кожуварот — во сите јагниња и брави, од чии кожи ги правеше кожувите, а Мамуд ковачот — во чеканот и наковалната, на кои ги шерпаше клинците и плочите за свадбарските коњи и магариња.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Тогаш тој можеше да здогледа како се преметнуваат еден врз друг и како почнуваат да патуваат некаде кон југ сите тие памучни облаци, добивајќи и самите некаква потрусеност на сињак во своите израскинати параници и, уште веднаш, штом ќе му се стореше дека веќе ниеднаш нема да има над себе едно такво смирено небо, еден друг ветер, еден многу поблаг и попитом ветер, многу посилен со својата смиреност, ги земаше пред себе сите тие облаци и набргу потоа тие пак се распостилаа по сета небесна шир, питоми како јагненца и меки.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Затоа една вечер Брле нарача по Суклета да и стори абер на Митра да дојде на колибата за слонарка, да ги варди јагнињата и телињата во аслото и да му помага во припуштањето.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
Очите твои се гулабови под твојот превез; косата ти е стадо кози, кога слегуваат од Галафската гора; забите твои – како стадо истрижени овци, кога излегуваат од капење, од кои секоја има по две јагниња и јалова нема ниедна; усните твои – како алова панделка, а устата твоја слаткоречива, со јаготки на лицето како половинки од калинка; вратот ти е како кулата Давидова, изградена за оружје: на неа висат илјадници штитови – сѐ штитови на јунаци; градите ти се како близначиња од млада срна, кои пасат меѓу кринови; Таа: дојди мил мој, да излеземе во полето, да преноќеваме по селата; утре рано ќе појдеме во лозјата, да видиме дали потерала лозата, дали се отвориле пупките, процутеле ли калинките; таму ќе те опсипам со милувања; Тој: О, колку се убави нозете твои во сандали, ќерко знаменита!
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Една неделина, кога Трајко си дојде од пазар, каде што беше пратен од браќа си да продаде јагниња и направи арч за вршење, се собраа сите петина да видат што донесол пазарџијата.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)