јагне (имн.) - исплашен (прид.)

Во трлото манастирските овчари ги сортираат, ги бележат со црвена боја по челата; обележаните се тргаат настрана за колење; тие како да претчувствуваат блеат, врескаат; се случува некое од бележаните јагниња да се спаси ако пред колењето овчарите увидат дека може да биде расно и ги враќаат назад кај другите јагниња оставени за приплод; спасеното јагне сè уште блее од страв; блеат и другите јагниња исплашени од неговата црвена боја, од неговиот смртен знак на челото.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)